Берзанските индекси на Dow Jones Industrial Average во четвртокот пораснаа втор ден по ред, но тргувањето остана претпазливо додека инвеститорите внимателно ги следеа случувањата на Блискиот Исток и ги анализираа деловните резултати на NVIDIA.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,55 проценти, достигнувајќи 50.285 поени, додека S&P 500 порасна за 0,17 проценти, на 7.445 поени. Nasdaq Composite забележа раст од 0,09 проценти, на 26.293 поени.На почетокот на тргувањето индексите беа во минус, меѓу другото и поради падот на акциите во технолошкиот сектор.
Акциите на Nvidia паднаа и покрај добрите резултати
Иако кварталните резултати на Nvidia беа подобри од очекувањата, цената на акциите на најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција падна за 1,8 проценти. Инвеститорите беа внимателни и поради растот на цените на нафтата, што би можело дополнително да ја поттикне и онака високата инфлација во САД.
Но, подоцна во текот на денот цените на „црното злато“ паднаа, а берзанските индекси ги надоместија загубите благодарение на сигналите дека има напредок во преговорите меѓу САД и Иран за прекин на конфликтот.
„Пазарите ќе зависат од вестите од Блискиот Исток“
„Како што сезоната на објавување деловни резултати завршува, фокусот на инвеститорите повторно е на Иран. Во следните денови пазарите најмногу ќе се движат според вестите и гласините за развојот на ситуацијата на Блискиот Исток“, изјави Mарк Дизард од Huntington Wealth Management.
Тој додаде дека никој, освен тесните кругови во САД и Иран, не знае колку навистина напредувале преговорите.
Walmart повлече дел од пазарот надолу
Меѓу 11-те најважни сектори на S&P 500, најголем пад забележа трговскиот сектор, во просек 1,6 проценти, по објавувањето на кварталните резултати на американскиот трговски гигант Walmart. Од друга страна, секторот на производители на чипови беше меѓу најголемите добитници, со просечен раст од 1,3 проценти, и покрај падот на Nvidia.
И на европските берзи вчера се тргуваше внимателно. Лондонскиот индекс FTSE 100 порасна за 0,11 проценти, на 10.443 поени, додека германскиот DAX падна за 0,53 проценти, на 24.606 поени. Францускиот CAC 40 ослабе за 0,39 проценти, на 8.086 поени.