Воениот конфликт меѓу Соединетите Американски Држави и Иран остави сериозни финансиски последици врз американската економија, а најголемиот товар, според анализите, го понеле обичните граѓани. Според прелиминарната анализа на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS), трошоците на американското Министерство за одбрана достигнале околу 40 милијарди долари.
Во оваа сума се вклучени расходите за муниција, уништена воена опрема и штети на американските воени бази. Проценката, сепак, не ги опфаќа редовните оперативни трошоци што веќе биле предвидени во одбранбениот буџет за фискалната 2026 година, кој надминува еден билион долари.
Дополнителен товар за федералните институции
Покрај Пентагон, дополнителни финансиски обврски имале и други американски институции. Се проценува дека Министерството за внатрешна безбедност и Министерството за ветерани заедно потрошиле уште околу една милијарда долари поради последиците од конфликтот.
Последиците од војната најдиректно ги почувствувале американските потрошувачи.
Во текот на конфликтот просечната цена на галон бензин пораснала од помалку од три на повеќе од четири долари. Според податоците на Универзитетот Браун, просечно американско домаќинство потрошило околу 253 долари повеќе отколку што би потрошило доколку не се случел конфликтот.
Дополнително, снабдувањето со нафта од Блискиот Исток било сериозно нарушено речиси четири месеци. Аналитичарите проценуваат дека светскиот пазар во тој период останал без околу 1,15 милијарди барели нафта.
Инфлацијата повторно удри по животниот стандард
Растот на цените на енергенсите дополнително ја поттикнал инфлацијата во САД. Најновите економски податоци покажуваат дека годишната инфлација надминала 4 проценти, што е највисоко ниво во последните три години. Поради тоа, платите не успеале да го следат растот на трошоците за живот. Економистите предупредуваат дека во април и мај инфлацијата практично го избришала ефектот од зголемувањата на платите, па куповната моќ на многу Американци останала непроменета или дури се намалила.
Последиците ќе се чувствуваат и понатаму
Експертите предупредуваат дека економските ефекти од војната нема да исчезнат веднаш. Доколку цените на енергенсите останат високи и во наредните месеци, дополнителниот притисок врз инфлацијата и врз животниот стандард на граѓаните би можел да продолжи и по завршувањето на конфликтот. Иако борбите се зад нив, финансиската сметка од војната сè уште пристигнува –и тоа најмногу кај американските семејства.