Четири млади жени излегоа во јавноста со тешки обвинувања за сексуално злоставување и силување во воената школа за тинејџери „Army Foundation College“ во Харогејт, Велика Британија. Сите инциденти се случиле во последните пет години додека жртвите имале само 17 години. Податоците од локалната полиција и Министерството за одбрана откриваат повеќе од 170 пријави за недолично сексуално однесување во оваа установа.
Шокантните детали за настаните во оваа воена школа за млади до 19 години ги пренесе Би-Би-Си. Една од жртвите, која го користи псевдонимот Тили, раскажува како била со часови силувана од неколку колеги кадети откако влегла во нивната соба. Таа изјавила дека се чувствувала целосно понижена пред да реши да го напушти колеџот само две недели по нападот.
Друга кадетка, Моника, опишува како била затворена во соба и физички нападната од друг регрут кој и го блокирал излезот. Со слични проблеми се соочувала и нејзината колешка Ејми, која поради расипаната брава на нејзината соба била принудена да спие попречно пред вратата за да спречи колегите ненајавено да влегуваат внатре.
Загрижувачки сведоштва се однесуваат и на постапките на постојаниот кадар. Кадетката Ели истакнува дека воените инструктори редовно влегувале во женските соби без тропање додека девојките биле во долна облека. Според нејзините зборови, старешините отворено користеле погрдни и сексистички изрази пред новите кадети и ги оценувале девојките со оценки од еден до десет.
Во изминатите пет години, повеќе инструктори од овој центар веќе се осудени пред воените судови. Меѓу нив е и Даниел Конвеј, кој во 2023 година беше осуден на над седум години затвор поради силување колешка.
Податоците на полицијата во Северен Јоркшир покажуваат дека само во една година се евидентирани 16 пријави за сексуални прекршоци поврзани со школата. Официјалните статистики на британското Министерство за одбрана откриваат дека во периодот од јануари 2018 до јуни 2025 година во објектот се регистрирани дури 176 поплаки за недолично сексуално однесување, од кои 32 се однесуваат на постојаниот кадар.