Се чекаат последните резултати за укинување на забраната за вода во Гостивар

Централниот кризен штаб ќе му предложи на АХВ да ја укине забраната за вода за пиење, доколку и вечерните мостри ја потврдат нејзината исправност.

Агенцијата за храна и ветеринарство утре би можела официјално да ја укине забраната за користење на водата за пиење и подготовка на храна во Гостивар. Ова следува откако последните лабораториски анализи покажаа дека водата е микробиолошки, физички и хемиски исправна, со што по повеќе од пет недели се создаваат услови за нормализирање на водоснабдувањето.

Според информациите од локалниот кризен штаб, сите три лаборатории што вршеа контроли на секои 12 часа потврдија дека квалитетот на водата се доведува во соодветните граници. Координаторот на Кризниот штаб во Гостивар, Зуди Џелили, појасни дека утринските резултати биле добри, а се чека уште потврдата од мострите земени претходната вечер.

„Трите лаборатории земаа мостри на секои 12 часа. Резултатите што ги добија изутрината се добри и покажаа дека водата е исправна според физичките, хемиските и микробиолошките параметри. Се очекуваат уште резултатите од мострите земени вчера вечерта. Токму затоа Централниот кризен штаб ќе даде предлог утре АХВ да излезе со соопштение и да ја укине забраната“, изјави Џелили.

Иако параметрите се подобрени, од Кризниот штаб апелираат граѓаните да не брзаат со користење на водата од чешмите сѐ додека не пристигне официјалната одлука од надлежните институции. За дефинитивно повлекување на мерката се потребни три последователни негативни резултати кои потврдуваат дека нема ризик по здравјето.

„Доколку и вечерните резултати ја потврдат исправноста на водата, ние како локален кризен штаб ќе одржиме прес-конференција со членови од централниот кризен штаб и ќе им соопштиме на граѓаните дека водата од водоснабдителниот систем е дефинитивно добра за пиење“, посочи Џелили.

Проверките на квалитетот ќе продолжат и во следниот период, при што паралелно ќе се работи и на санирање на техничките проблеми со слабиот притисок во одредени делови од градот.

Забраната за пиење и подготовка на храна ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство на 17 јули, откако во системот беше утврдена фекална загаденост и надминати нивоа на хлор. Здравствени проблеми поради контаминираната вода пријавија околу 5.000 жители на Гостивар.

Во рамки на истрагата за настанот, одреден е 30-дневен притвор за тројца поранешни раководители во ЈКП „Комуналец“, Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши. Тие се осомничени дека со одредени дејствија овозможиле мешање на загадена вода со водата од градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс