Во Салцбург украдени 210 позлатени статуетки на Моцарт

Статуетките беа изложени кон средината на јули на улиците на родниот град на Моцарт, вклучително и во познатиот парк Мирабел

Изложбата на германскиот уметник Отмар Херл, со 320 позлатени статуетки од Моцарт на улиците на Салцбург, беше затворена порано од планираното поради масовен грабеж во кој беа украдени 210 фигурини од паркот Мирабел, објави денес Меѓународната фондација Моцарт.

„Најлошото нешто што може да му се случи на еден уметник е кога неговите дела ќе исчезнат“, изјави Херл за агенцијата ДПА.

Статуетките беа изложени кон средината на јули на улиците на родниот град на Моцарт, вклучително и во познатиот парк Мирабел, по повод 270-тиот роденден на познатиот композитор.

Херл верува дека скулптурите високи 50 сантиметри не биле украдени од туристи. „Ова е организирана кражба“, рече тој.

И покрај големиот број исчезнати предмети, штетата не вреди милиони. Херл рече дека по изложбата имал намера да ги продаде статуетките за 90 евра по парче, што значи дека штетата е околу 20.000 евра.

Бидејќи производителот е на одмор, статуетките не можат да се заменат со нови. Сепак, преостанатите можат да се видат до крајот на август во градскиот музеј Моцартеум и во родното место на композиторот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс