Во сабота во Кокино Фестивал, меѓународна конференција и стратегија за развој на локалитетот

Кокино, од неговото откривање во 2001 година, се наметнало како еден од најзначајните археолошки локалитети во земјава и регионот

Со фестивалот „Кокино – тврдина на Сонцето“, в сабота, 12 септември, ќе почне одбележувањето на 25 години од откривањето на археолошкиот локалитет Кокино. Програмата започнува во 18 часот, настапите на повеќе изведувачи ќе бидат отворени за публиката, а влезот е бесплатен.

За посетителите е обезбеден паркинг кај училиштето во селото Кокино, од каде што ќе биде организиран бесплатен превоз до локалитетот, информираат од НУ Музеј – Куманово.

Јубилејното одбележување нема да заврши со фестивалот. Најавена е и изложба посветена на 25-годишниот период на истражување на Кокино, додека од 18 до 20 ноември треба да се одржи меѓународна археолошка конференција.

На конференцијата се очекуваат околу 30 истражувачи од земјава и од странство. Досега е најавено учество на експерти од Франција, Италија, САД, Грција, Бугарија, Косово и Србија. Темите нема да бидат ограничени само на Кокино, туку ќе опфатат и археолошки појави и локалитети од други делови на светот.

Археологот и раководител на проектот Дејан Ѓорѓиевски посочува дека Кокино, од неговото откривање во 2001 година, се наметнало како еден од најзначајните археолошки локалитети во земјава и регионот. Досегашните истражувања укажуваат дека во бронзеното време локалитетот имал двојна функција – служел како светилиште, но и како простор од кој се следеле движењата на небесните тела.

„Со комбинацијата на овие две функции, Кокино станува уникатен локалитет. Таков локалитет немаме на територијата на целата држава и пошироко“, вели Ѓорѓиевски.

Како дел од јубилејната програма е предвидена и изработка на стратешки документ што треба да послужи како патоказ за идниот развој на Кокино. Документот треба да ги утврди следните чекори во истражувањето, конзервацијата, уредувањето и презентацијата на локалитетот.

Еден од главните проблеми и натаму се нерешените имотно-правни односи, поради кои не може целосно да се пристапи кон изградба на потребната инфраструктура и обезбедување поголеми инвестиции. Според Ѓорѓиевски, со усвоена стратегија и подготвена техничка документација полесно би можеле да се обезбедат средства од меѓународни програми, амбасади и други потенцијални поддржувачи.

Од Музејот во Куманово оценуваат дека установата во изминатите години го направила она што било во рамките на нејзините надлежности, но дека за следната фаза е неопходно посилно вклучување на државните институции и јасно утврдување на националниот интерес за заштита и развој на Кокино.

Локалитетот со години привлекува домашни и странски туристи, а неговото археолошко и археоастрономско значење било тема и на прилози во познати меѓународни медиуми и списанија. Јубилејот треба да биде искористен како нов почеток во обидите Кокино да добие соодветна инфраструктура, долгорочна заштита и посилна меѓународна промоција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс