Во Франција се очекуваат до 700.000 демонстранти: Најавени 244 протести и генерален штрајк

Француските власти предупредуваат на ден со висок безбедносен ризик и можност за нов бран насилство во градските центри. Штрајкот ќе предизвика нарушувања во железничкиот и авионскиот сообраќај, а можни се проблеми и во снабдувањето со гориво.
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

ПАРИЗ – На протестите и генералниот штрајк што за денеска, 5 ноември, се најавени во повеќе градови низ Франција, се очекува да учествуваат меѓу 500.000 и 700.000 демонстранти надвор од парискиот регион, покажуваат податоците на француската Територијална разузнавачка служба (ДНРТ). Според извештајот што го пренесува телевизијата БФМ, денешниот ден е означен како ден со висок безбедносен ризик, со предупредување дека може да дојде до нов бран насилство, особено во центрите на градовите.

Синдикатот ЦГТ најави вкупно 244 протестни собири низ земјата.

Во штрајкот и демонстрациите ќе учествуваат водечките национални синдикати од јавниот и приватниот сектор, како и студенти и средношколци. Причините за протестите се растечките трошоци за живот, инфлацијата, буџетските мерки и незадоволството од условите за работа во јавните служби и образованието.

Се очекуваат нарушувања во сообраќајот и снабдувањето со гориво

Поради прекинот на работата се очекуваат сериозни нарушувања во железничкиот и авионскиот сообраќај. Националната железничка компанија СНЦФ најави откажување на околу 10 отсто од брзите возови ТЖВ, додека во Париз се очекуваат проблеми во функционирањето на метрото.


Штрајкови најавија и синдикатите во енергетските компании и рафинериите, што би можело да влијае и врз снабдувањето со гориво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс