Во ЕУ лани загинале 3.367 лица во несреќи при работа

Најмногу смртни случаи во ЕУ биле забележани во градежништвото, каде што животот го загубиле 776 работници
Фото: Трн.мк

Во земјите членки на Европската Унија во 2024 година биле регистрирани 3.367 смртни случаи како последица на несреќи при работа, покажуваат најновите податоци на Евростат. Бројот е зголемен за 45 случаи, односно за 1,4 отсто во споредба со 2023 година.

Најмногу смртни случаи биле забележани во градежништвото, каде што животот го загубиле 776 работници. Тоа претставува околу 23 отсто од сите фатални несреќи при работа во ЕУ. Сепак, бројката во овој сектор е пониска во споредба со 2023 година, кога биле евидентирани 802 жртви.

По градежништвото следуваат секторот транспорт и складирање со 537 загинати и преработувачката индустрија со 466 смртни случаи.

Истовремено, во 2024 година во ЕУ биле регистрирани околу 2,78 милиони несреќи при работа што не завршиле со смртен исход, но предизвикале отсуство од работа од најмалку четири календарски дена. Нивниот број е намален за 43.742 случаи, односно за 1,5 отсто во однос на претходната година.

Најмногу нефатални несреќи биле забележани во преработувачката индустрија – 509.851. Следуваат градежништвото со 352.520 и трговијата на големо и мало, заедно со поправката на моторни возила и мотоцикли, со 345.282 случаи.

Од Евростат нагласуваат дека апсолутниот број несреќи зависи и од големината на одделните економски сектори, па затоа овие податоци не треба директно да се толкуваат како показатели за степенот на ризик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс