Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави македонскиот превод на романот „Во август“ од чешкиот писател Јакуб Стањура. Преводот е дело на Маргарета Карајанова, а книгата излегува во рамките на европскиот проект „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“. Ова психолошко дело се фокусира врз феноменот на геслајтинг и личните трауми, соопштија од издавачката куќа.
Романот „Во август“ ја следи судбината на Даниела, млада девојка која секоја година во тој месец се соочува со загуби и анксиозност. Во нејзиното семејство недостасува отворена комуникација, па таа бара бегство во читањето и пишувањето. За време на студиите по англиски јазик и книжевност, Даниела го запознава Штепан, врска која напрв поглед изгледа како излез од нејзината неподнослива реалност.
Прозата на Стањура на оригинален начин ја третира психолошката манипулација, односно геслајтингот. Во оваа состојба, границите меѓу вистината и илузијата постапно се губат, а жртвата започнува да сомнева во сопствената перцепција, разум и сеќавања.
Јакуб Стањура е роден во 1995 година и дипломирал англистика и бохемистика на Карловиот универзитет во Прага. Неговото деби со романот „Во август“ во 2023 година постигна голем успех во Чешка, каде што брзо постана бестселер и доби театарска адаптација. Во 2025 година го објави и својот втор роман, насловен „Медузи“.
Преведувачката Маргарета Карајанова е поранешен лектор по македонски јазик на Масариковиот универзитет во Брно. Нејзиниот опус опфаќа преводи на значајни чешки автори, меѓу кои се Милан Кундера, Хана Андроникова, Владислав Ванчура и Михал Вивег.
Издавањето на книгата е финансиски поддржано од програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во рамките на Креативна Европа на Европската Унија, како и од Министерството за култура на РС Македонија.
Издавачот „Антолог“ посочува дека овој проект е дел од нивната агенда „Се грижиме за планетата“, која практикува конкретни мерки за еколошка и социјална одговорност при продукцијата на новите наслови. Книгата е веќе достапна во книжарниците и преку нивната дистрибутивна мрежа.