Во 2024 година, во Тетово имало 94 денови со загаден воздух

Во текот на 2024 година имало 94 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 честички на метар кубен, покажуваат извештаите за сите 12 месеци лани на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово.

Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

Минатата година, најзагадени месеци биле јануари и февруари кога имало по 22 дена надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 честички на метар кубен за 24 часа. Загаден воздух имало и во декември – 18, ноември – 16, октомври – шест и април – еден.

Во текот на пет месеци – од мај до септември, немало ниту еден ден со надминување на граничната вредност со штетните ПМ10 честички.

– Не постои минимална концентрација на ПМ10 што е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човечкиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европската Унија, каде прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50 како кај нас, истакна доктор Ратко Давидовски, специјалистот по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје – Тетово.

Во 2023 година имало 89 денови со загаден воздух, во 2022 година 108 денови. Во 2021 имало 132 денови со загаден воздух, а во 2020 година од 366 денови, 138 биле со загаден воздух во Тетово. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година, со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10 честички. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни