Пред Меѓународниот ден на жените, „Внимание“ ги праша студентките: „Ќе правите ли фризура, ќе одите ли во кафана за 8-ми март, или пак на протест?“ Ги прашавме и студентите: „Дали ќе купувате цвеќе и бајадера за 8-ми март?“ – „Не, мислам дека не треба веќе цвеќе и бајадера да се купува, треба да се излезе на протест и да се поддржат женски права“, вели еден студент.
На прашањето дали ќе се приклучат на најавениот протест, дел од студентките велат: „Да, зошто да не, бидејќи е убаво да искочиме жените и да се сплотиме заедно“, „Да, секогаш стојам зад жената“, „Ако протестот направи некаква разлика, тогаш е поважно да се оди на протест… Може и двете уствари, и малце да си прославиш“. И дел од студентите би се приклучиле на протестот: „Би се приклучил на протестот“, „Апсолутно, се знае какви се правата на жените во Македонија, затоа треба да се излезе на протест, да се докаже дека и ние мажите имаме ‘рбет и дека знаеме да застанеме на вистинската страна“.
На прашањето „Ако мажите се платени помалку од жените на иста работна позиција тоа во ред ли би било?“, повеќето сметаат дека не би било во ред ниту фер, како што ни за жените не би било фер да се помалку платени. „Без разлика дали е машко или женско, ако истата работа ја вршат, треба да е иста и платата“, поентира една студентка.
А еве што велат студентите на прашањето „Дали жените се создадени за тоа за да „помагаат“ по дома?“ – „Не, апсолутно не е така, мислам дека без жена никој од нас не би бил роден… Тоа не треба да биде поделено на еден човек, тоа сите треба да го прават“, „Веќе не, сметам дека тие обврски треба да бидат поделени помеѓу мажот и жената“, „Па, создадени сме сите да помагаме, треба да помагаат и мажите и жените, не е само дека жената треба да помага, треба еднакво да биде, да си ги делиме обврските.“
Студентите даваат и одговори на прашањата дали ни фалат жени во политиката, и што треба да се направи за да имаме повеќе жени во политиката и повеќе жени на менаџерски позиции. „Па, јас би предложил многу да се учи и да се отстрани сексизмот во сите институции, во сите фирми, во сите претпријатија“, „Многу е битно жени да си помагаат на жени…“, велат студентите во најновата анкета на „Внимание“.