На 6 октомври 1889 година, на Булеварот Клиши во Париз ги отвори вратите „Мулен Руж“, кабаре во подножјето на Монмартр. Основачите Жозеф Олер и Шарл Зидлер сакале да создадат место каде што аристократите и работниците ќе можат да се забавуваат под ист покрив. Црвената воденица на покривот, пак, за 137 години стана еден од најпрепознатливите симболи на Париз.
Истата година кога и Ајфеловата кула
„Мулен Руж“ се родил во годината на Светската изложба во Париз, за која била изградена и Ајфеловата кула. Градот тогаш привлекувал милиони посетители, а Олер и Зидлер го искористиле моментот. Монмартр бил кварт на сиромашни уметници, евтини кафеани и бурен ноќен живот, далеку од отмените париски булевари. Токму таа мешавина од уметници, работници, аристократи и туристи станала дел од идентитетот на новото кабаре.
Кабарето имало и голема градина, во која стоел огромен слон од гипс, донесен од Светската изложба. Во неговата внатрешност, до која се стигнувало по спирални скали, се изведувале точки со ориентален танц, наменети исклучиво за машката публика. Слонот бил една од атракциите што го правеле „Мулен Руж“ повеќе од обична сала за танцувањ, тој бил спектакл сам по себе.
Жените што го направија кан-канот
Кан-канот не бил измислен во „Мулен Руж“. Танцот постоел во париските сали уште од 1830-тите, но токму тука добил голема сцена и свои ѕвезди. Најпозната била Луиз Вебер, позната како Ла Гулу – „лакомата“ – по навиката да ги испива чашите на гостите. Таа била една од најплатените забавувачки во Париз. Подоцна западнала во сиромаштија, работела како дресерка на животни по панаѓури и починала во 1929 година, речиси заборавена.
Џејн Аврил, нејзината тивка ривалка, како девојка престојувала во болницата Салпетриер. Танцот го опишувала како свој излез од тешкиот живот. И двете денес ги паметиме во голема мера благодарение на сликите на човекот кој често седел во публиката , Анри де Тулуз-Лотрек.
Тулуз-Лотрек и плакатот како уметност
Тулуз-Лотрек бил редовен гостин на „Мулен Руж“. Во 1891 година го насликал првиот плакат за кабарето, со Ла Гулу во центарот, и помогнал рекламниот плакат да се издигне до форма на уметност. Неговите сцени од ноќниот живот на Париз денес се едни од најпознатите визуелни сведоштва за епохата. Неговата слика „Во Мулен Руж“ денес се чува во Институтот за уметност во Чикаго.
Во 1915 година оригиналната зграда изгорела во пожар, а кабарето повторно било отворено во 1921 година. Во 1944 година на неговата сцена настапувала Едит Пјаф, а пред неа настапот го отворал младиот Ив Монтан. „Мулен Руж“ подоцна стана инспирација и за филмот. Џон Хјустон во 1952 година го снимил „Мулен Руж“, филм за животот на Тулуз-Лотрек. Баз Лурман во 2001 година го направил истоимениот мјузикл со Никол Кидман и Јуан Мекгрегор, а неговата бродвејска адаптација освоила десет награди Тони во 2021 година.
Воденицата што остана без крила
Во април 2024 година крилата на прочуената воденица паднале на улицата. Никој не бил повреден. Новите крила биле поставени во јули истата година, само неколку недели пред Олимписките игри во Париз.
За кратко, симболот на ноќниот Париз останал без она по што го носи името,– црвената воденица и нејзините крила.