Влатко Стефановски со два нови албуми: „Мојата скромност не ја омаловажува големата работа што ја правам“

На промоцијата на „Guitar Sings“ и „Muscle Memory“, Стефановски зборуваше за процесот на создавање, своите соработници и музичкиот пат што трае повеќе од пет децении.

Влатко Стефановски ги промовираше своите два нови албума, „Guitar Sings“ и „Muscle Memory“, изданија на „Кроација рекордс“, во интимна и музички исполнета атмосфера во хотелот „Холидеј ин“. Промоцијата заврши во препознатлив стил: Стефановски зеде акустична гитара и заедно со публиката ја отпеа „Чукни во дрво“, по што следуваше поздрав со долг аплауз од присутните.

Новиот студиски албум „Muscle Memory“ носи девет композиции, пет вокални и четири инструментални, во кои се преплетуваат прогресивен рок, фјужн, виртуозна гитара и препознатливата мелодиска линија на Стефановски. Песните како „Модерни времиња“, „Мускулна меморија“, „Ми недостасуваш“ и „Срце скршено“ го продолжуваат неговиот авторски пат на постојано истражување и поместување на сопствените музички граници.

Во своето обраќање, Стефановски откри дека снимањето на „Muscle Memory“ траело три до четири години, бидејќи процесот постојано бил прекинуван од концерти и патувања. Како што рече, токму тие паузи му овозможиле со „нови уши“ да се враќа во студио, повторно да го слуша материјалот, да менува, доправа, преснимува и усовршува делови од песните.

„За мене зборуваат дека сум скромен човек и сè уште мислам дека сум скромен, но тоа не значи дека го потценувам она што го работам. Мојата скромност не ја омаловажува големата работа што ја правам“, рече Стефановски, додавајќи дека добро знае до каде стигнал музички и професионално. Тој посочи дека „Muscle Memory“ е негово 39. издание под негово име како автор, броејќи ги и првите албуми на „Леб и сол“, бидејќи во голема мера бил автор и на тие материјали.

Стефановски им се заблагодари на музичарите и соработниците кои учествувале во создавањето на албумот, меѓу кои Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и членовите на неговото трио, Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара. Особено емотивно зборуваше за ритам-секцијата со која патува последните шест години, нарекувајќи ја „детска ритам-секција која порасна во многу сериозна ритам-секција“.

Тој се присети и на нивното „ватрено крштевање“ како предгрупа на Стинг на скопскиот стадион, пред околу 30.000 луѓе, кога Јан имал 18 години, а Иван Кукиќ околу 21 година. За својот син Јан рече дека прераснал во врвен тапанар, потсетувајќи дека на нивниот концерт во Љубљана неговото соло двапати било наградено со силни овации.

Албумот „Muscle Memory“ доаѓа по инструменталниот „Guitar Sings“, на кој Стефановски на гитара ги интерпретира најпознатите песни на Ѓорѓе Новковиќ, во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар. Проектот е снимен во легендарното лондонско студио „Еби роуд“, што му дава дополнителна тежина на ова издание.

На промоцијата присуствуваа и претставничките на „Кроација рекордс“ од Загреб, уредничката Клаудија Чулар и извршната директорка Маја Видмар-Клариќ, кои го претставија и винилното реиздание на славниот албум „Путујемо“ од 1989 година. Двата нови албума на Стефановски кон средината на месецот треба да бидат достапни и како плочи.

Стефановски го најави и „Као какао“, новиот македонски мјузикл во режија на Дејан Пројковски, заснован на неговата музика и текст на Венко Андоновски. Премиерните изведби се закажани за 2 и 3 јуни во Македонскиот народен театар.

Со двата нови албума, Стефановски уште еднаш покажува дека неговата гитара не е само инструмент, туку јазик преку кој се раскажува една од најдолгите и највлијателни музички приказни во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни