„Визер“ го проширува присуството во Скопје: Седми авион, нови линии и амбиција за четири милиони патници

Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ја засили својата база на скопскиот аеродром со седми авион, отворајќи нови можности за патниците и дополнително зајакнувајќи ја воздушната поврзаност на Македонија со Европа. Очекувањата се растот да донесе придобивки и за туризмот, економијата и бизнисот.

Скопскиот аеродром продолжува да го зацврстува своето место на европската авионска мапа, откако „Визер“ ја прошири својата база со уште еден авион. Со тоа, бројот на авиони на компанијата стационирани во Скопје достигна седум, што ја позиционира македонската престолнина меѓу најголемите бази на авиокомпанијата во Европа. 

Проширувањето на базата носи повеќе летови и нови дестинации за патниците. Во последниот период беа воведени линии до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија, а најавени се и дополнителни можности за подобра поврзаност со европските градови. 

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека поставувањето на седмиот авион претставува значаен успех за македонскиот авиосообраќај, нагласувајќи дека скопската база е меѓу најголемите што ги има „Визер“ и дека целта е таа дополнително да расте. 

Според податоците презентирани на настанот, „Визер“ минатата година превезла околу 1,7 милиони патници од Македонија, а само во првата половина од годинава бројот веќе надминал 1,2 милиони. Во истиот период, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле повеќе од два милиони патници, што претставува значителен раст во однос на претходните години. 

Од ТАВ Македонија истакнуваат дека секој нов авион отвора нови работни места за пилоти, кабински екипажи, технички персонал и земски служби, но истовремено носи придобивки и за туризмот, хотелскиот сектор, транспортот и локалната економија. Поголемата воздушна поврзаност, според компанијата, создава подобри услови и за привлекување инвестиции и развој на бизнисот. 

Според статистиката на ТАВ Македонија, скопскиот и охридскиот аеродром во првите шест месеци од 2026 година забележале раст од 28 проценти на бројот на патници и значително зголемување на бројот на реализирани летови во споредба со истиот период лани. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс