Вир Фестивал повторно ја оживува Топлик со музика и уметност

Второто издание на независниот мултимедијален фестивал ќе се одржи на 14 и 15 август во шумите на Топлик кај Гевгелија. Фестивалот годинава носи интернационална програма со артисти од осум земји и нов чекор кон поврзување со светската електронска сцена.

Шумите на Топлик кај Гевгелија повторно ќе станат сцена за музика, визуелна уметност и заедничко културно искуство, откако на 14 и 15 август ќе се одржи второто издание на Вир Фестивал.

Независниот мултимедијален фестивал продолжува да ја развива идејата за создавање поинаков културен простор надвор од големите урбани центри, комбинирајќи електронска музика, современа визуелна уметност и атмосфера што ги поврзува посетителите и артистите.

Оваа година програмата добива поширок меѓународен карактер, со учество на музичари и продуценти од Македонија, Словенија, Данска, Германија, Мароко, Грција, Србија и САД. Меѓу најавените гости се словенечкото дуо Lottie & Lerro, данскиот продуцент S.A.M., Monile која создава меѓу Берлин и Мароко, грчкиот артист Yota, српските Mande, Yell и Rtikenc, како и Diego Knows од Њујорк.

Значаен чекор за фестивалот е воспоставувањето соработка со Trommel, платформа која поврзува независни електронски сцени ширум светот. Со ова партнерство, Вир добива можност локалната сцена и неговата програмска визија да бидат претставени пред поширока меѓународна публика.

Фестивалот потекнува од иницијатива на млади луѓе од Гевгелија кои препознале потреба за поинаква културна понуда во регионот. По успешното прво издание, кое привлече посетители од Македонија и соседните земји, организаторите продолжуваат со идејата Топлик да стане место за средба на различни уметнички изрази и публика.

Вир Фестивал покажува дека значајни културни настани можат да се создаваат и надвор од главните градски центри, преку локална иницијатива, соработка и посветеност на заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс