Вино, музика и дружење на Вински фестивал Битола

Платото пред Офицерски дом три вечери ќе биде сцена за домашни винарии, музичка програма и ново мајско градско дружење во Битола.

Битола од 7 до 9 мај добива нова мајска фестивалска приказна. На платото пред Офицерски дом ќе се одржи првото издание на Вински фестивал Битола, настан што ќе ги спои домашните винарии, музиката, гастрономијата и препознатливото градско дружење во срцето на градот.

Фестивалот беше најавен на прес-конференција во ЈОУ Културен и информативен центар Битола – Офицерски дом, каде организаторите посочија дека идејата е Битола да добие ново урбано случување што ќе ја збогати културно-забавната понуда и ќе создаде уште еден повод за собирање на отворено.

Виното како повод за нова градска традиција

Претставникот на организацијата на Вински фестивал Битола, Пане Темов, истакна дека иако станува збор за прво издание, амбицијата е фестивалот да прерасне во традиционален настан.

„Ова е прво издание на Вински фестивал Битола, но идејата е фестивалот да стане традиција и секоја година да носи нова енергија во градот. Сакаме да создадеме настан кој ќе ги поврзе љубителите на доброто вино, домашните винарии, музиката и градското дружење. Битола има публика која знае да препознае добар настан, а виното е култура, приказна и повод луѓето да се сретнат во убава атмосфера“, рече Темов.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од домашни винарии, а организаторите нагласуваат дека винската култура сè повеќе станува препознатлив дел од гастрономската и туристичката понуда. Во тој контекст, виното не е претставено само како пијалак, туку како дел од традицијата, современиот начин на уживање и приказната за локалните производители.

Домашна музичка програма за три фестивалски вечери

Програмата е замислена како спој на различни музички вкусови и генерации. На сцената пред Офицерски дом ќе настапат B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов, Lockdown, Камерен оркестар Битола, DJ Гоце Саф, Zdrave Music, „Љубојна“ и „Паркети“.

Организаторите најавуваат разновидна, урбана и опуштена програма, со доволно простор и за концертна атмосфера и за лежерно фестивалско дружење. Претставникот на бендот „Паркети“ најави дека нивниот настап ќе биде дел од финалната вечер и дека публиката може да очекува концертна енергија што одговара на отворениот, градски карактер на настанот.

Офицерски дом како сцена за новото мајско случување

Градоначалникот на Општина Битола, прим. д-р Тони Коњановски, го поздрави одржувањето на фестивалот, нагласувајќи дека градот продолжува со настани што го збогатуваат културниот и забавниот живот.

„Битола има силна фестивалска традиција и публика која знае да ја живее градската атмосфера. Поддршката за вакви настани е поддршка за локалната култура, за туризмот и за угостителството. Но, овие урбани случувања носат препознатливост и за градот. Вински фестивал Битола се одржува првпат, но има потенцијал да стане дел од календарот на манифестации по кои градот ќе биде уште попривлечен за посетители“, истакна Коњановски.

Директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, посочи дека Офицерски дом е природна сцена за ваков тип настани, бидејќи претставува еден од најрепрезентативните простори во градот.

„Офицерски дом е простор кој има посебна симболика за Битола. Затоа ни е важно тука да привлечеме новите настани кои ја зближуваат публиката. Вински фестивал Битола носи токму таква енергија, културна, музичка и градска“, рече Михајловски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни