Почина Вилијам Орбит, генијалецот кој го обликуваше звукот на Мадона

Познатиот британски музички продуцент и композитор Вилијам Орбит почина на 69-годишна возраст во својот дом, оставајќи зад себе децении пионерско творештво во електронската и поп-музиката.

Британскиот музички продуцент Вилијам Орбит, кој стоеше зад култниот албум „Ray of Light“ на Мадона и низа успешни изданија за светски ѕвезди, почина на 69 години. Неговото семејство потврди дека музичарот починал во својот дом на 23 јули, без да ги открие причините за смртта. Неговата смрт предизвика бран реакција и сочувство од колегите низ целата музичка индустрија.

Орбит, чие вистинско име беше Вилијам Веинрајт, го постигна својот најголем комерцијален и уметнички успех во 1998 година кога соработуваше со Мадона на албумот „Ray of Light“. Со спојување на амбиентален техно звук, трип-хоп и електронска танцива музика со поп-структури, тој помогна во целосното редефинирање на нејзината кариера. Албумот освои три Греми награди и се смета за еден од најуспешните во историјата на поп-музиката.

Двајцата повторно ги здружија силите во 1999 година за хит-синглот „Beautiful Stranger“ од филмот за Остин Пауерс, кој исто така освои Греми, а Подоцна соработуваа и на албумите „Music“ во 2000 година и „MDNA“ во 2012 година.

Покрај работата со Мадона, Орбит остави силен печат и во рок и алтернативната сцена. Во 1999 година го продуцираше албумот „13“ за британскиот бенд „Блур“ (Blur), кој донесе потемни и сурови звуци преку преку песните како „Tender“ и „Coffee & TV“.

Неговиот препознатлив, сонувачки амбиентален звук го обликуваше и големиот хит „Pure Shores“ на женската група „Алл Саинтс“ (All Saints) за филмот „Плажа“ со Леонардо Дикаприо. Меѓу неговите значајни соработки беа и песната „Feel Good Time“ со поп-ѕвездата Пинк, како и соработките со U2 и Бет Ортон.

Бројни музичари му оддадоа почит на британскиот продуцент. Мел Си од „Спајс Грлс“ напиша дека за неа било чест што соработувала со него на нејзиниот деби соло албум, додека Никол Аплтон од „Алл Саинтс“ го нарече Орбит „богатство во музичката индустрија“.

Систер Блис од електронскиот состав „Фејтлес“ (Faithless) го опиша Орбит како „генијалец и пионер без кого тие немаше да имаат кариера во музиката“. Зад себе Орбит остави и 12 соло албуми, од кои најзабележителен беше „Pieces in a Modern Style“ од 1999 година со електронски обработени класични дела, меѓу кои и познатата верзија на „Adagio for Strings“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс