ВИДЕО: Српските студенти стигнаа во Стразбур

Стотици луѓе се собраа на плоштадот Клебер во Стразбур за да ги пречекаат српските студенти кои пред 13 дена тргнаа со велосипед од Нови Сад барајќи правда.

На главниот плоштад е поставен црвен тепих, се веат српски знамиња, а насобраните носат различни транспаренти, претежно со натпис „Пумпај“.

Соња Малетиќ, државјанка на Србија, која веќе четири години студира медицина на Универзитетот во Стразбур, вели дека е тука да ги поддржи своите врсници.

„Им се восхитувам на тие луѓе, мои врсници, за се што направија и единственото нешто што можам да го кажам е секоја чест. Не одам често во Србија, па не бев на протестите, но мојот мал придонес е што сум овде денес“.

Соња вели и дека таа и нејзините пријатели ќе бидат домаќини на студентите и ќе им обезбедат сместување додека се тука.

По тринаесет дена возење велосипед, српските студенти кои заминаа во Стразбур барајќи правда, стигнаа до крајната дестинација.

Околу 80 студенти кои на 3 април годинава со велосипед го напуштија Нови Сад, пристигнаа во Стразбур, каде очекуваат да бидат примени во европските институции со цел да се бара правда за 16-те загинати при падот на настрешницата на 1 ноември минатата година.

Нивната мисија, како што рекоа на почетокот, е светот да ја дознае вистината за Србија, институциите да реагираат и да вршат притисок врз власта, да го кренат својот глас во името на сите замолчени.

Сместувањето за сите осумдесетина велосипедисти кои поминаа повеќе од 1400 километри и поминаа низ шест земји беше обезбедено претходно, благодарение на српските граѓани кои живеат во Стразбур.

Повеќе од стотина припадници на локалната српска дијаспора, како и дијаспората од Швајцарија, Базел и Париз, кои исто така дојдоа да им посакаат добредојде на студентите и да им дадат поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни