Радиодифузниот предавател Либлице, кој важеше за највисок предавател за среднобраново емитување на светот и највисока градба во Чешка, вчера беше урнат. Двете челични кули високи 355 метри беа урнати со минирање на дел од нивните потпорни сајли.
Видеоснимките прикажуваат како кулите се срушија за само неколку секунди. За уривањето беа употребени околу 4,5 килограми специјален експлозив. Пред детонацијата, полицијата целосно го испразни и обезбеди околното подрачје. Точниот датум на уривањето намерно не беше јавно објавен за да се спречи собирање на љубопитни граѓани.
Czechia demolishes two of the country’s tallest radio towers Authorities carried out a controlled demolition of two 355-meter radio masts in Liblice, near the town of Český Brod.
— NEXTA (@nexta_tv) October 15, 2026
На техничарите некогаш им беа потребни околу 45 минути со сервисен лифт за да стигнат до самиот врв. Радиската програма, која се емитуваше на фреквенција од 639 kHz, своевремено можеше да се слушне далеку надвор од чешките граници, вклучително и во Германија.
Јавниот радиодифузен сервис ги исклучи своите среднобранови предаватели кон крајот на 2021 година. Сè до крајот на 2025 година, програмата на „Кантри радио“ (Country radio) продолжи да го користи предавателот Либлице, но со значително намалена моќност на емитување.
Челичните кули официјално беа поставени во 1976 година, во тогашна Чехословачка.
Историјата на оваа предавателна локација, која се наоѓа на околу 30 километри источно од Прага, датира уште од 1930-тите години. Плановите за спас на овие препознатливи кули пропаднаа поради високите трошоци за одржување и модернизација, кои беа проценети на нешто помалку од 7 милиони евра.
Застапниците за нивно зачувување бараа кулите да бидат прогласени за историски споменик, истакнувајќи дека тие се уникатен пример за инженерство. Други, пак, тврдеа дека станицата требало да се сочува за употреба при вонредни состојби и природни катастрофи.
