Скопје домаќин на Самитот за вештачка интелигенција „Филип Аврамчев“

Експерти од технолошки гиганти како „Мајкрософт“ и „Вејмо“ ќе гостуваат на Самитот за вештачка интелигенција „Филип Аврамчев“ во септември.
Angel Angelovski photo

Светски имиња од областа на вештачката интелигенција ќе се соберат во Скопје на 22 и 23 септември во Националната опера и балет. На второто издание на регионалниот самит посветен на Филип Аврамчев, водечки инженери и претприемачи од глобални технолошки компании ќе дебатираат за реалната примена на машинското учење и дигиталната трансформација.

Програмата на самитот носи претставници од меѓународната технолошка сцена. Меѓу потврдените говорници се Фатос Исмаили, главен архитект за вештачка интелигенција во британскиот огранок на „Мајкрософт“, како и Аишварија Џадхав, виша инженерка за машинско учење во компанијата за автономни возила „Вејмо“. Своите искуства ќе ги споделат и основачите на специјализирани платформи Алистер Гринвуд од „OmniforceAI“, Дарен Гунавардана од „Collectiv“ и Руи Педро Машадо од „Maio Labs“.

Нивните предавања ќе се фокусираат на практичните решенија во бизнисот и развојните процеси. Целта е локалната технолошка заедница да добие директен увид во методите преку кои глобалните системи ги скалираат моделите на машинско учење.

Настанот се одржува под мотото „Human x AI“, ставајќи го акцентот врз односот меѓу луѓето и новите софтверски алатки. Организаторите потенцираат дека технолошкиот напредок има вредност само кога создава одржливи решенија за општеството и компаниите.

Самитот го носи името на својот идеен творец Филип Аврамчев, кој почина минатата година. Преку стручни панели, дискусии и студии на случаи, настанот ќе ја продолжи неговата заложба за изградба на отворен регионален центар за дијалог во Скопје. Информациите за билетите и целосната агенда се достапни преку официјалната платформа на самитот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс