Театар „Златен Елец“ со три претстави во Скопје и низ Македонија

Ансамблот гостува во Демир Капија и Прилеп, а скопската изведба на „Теорема, леме“ носи театарска акција во Железничката зграда

Програмата започнува во петок, на 6 ноември во 20 часот, со изведбата на „Теорема, леме“ од Пјер Паоло Пазолини, во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ. Претставата е дел од биеналето за сценски дизајн под мотото „Животот е таму каде што се здружуваме“ и претставува дводневна театарска акција.

Ова е прва изведба на претставата по меѓународниот успех на фестивалот ФИАТ во Подгорица, каде што актерот Бранко Михајлоски ја освои наградата за најдобра машка улога. Следниот ден, во сабота на 7 ноември, предвидени се отворени разговори со публиката и уметниците за претставата и содржината што ја отвора.

Настанот директно се надоврзува на акцијата „не:БИТЕФ“ одржана на 20 септември во Белград при одбележувањето на шеесетгодишнината на театарскиот фестивал. Просторот на Киното во Железничката зграда, изграден како автентично место за работничката заедница на некогашните железници, се активира како 61-та микросцена на овој концепт надвор од границите на Србија.

„Првенствено, сакаме да се собереме, за да си дадеме поддршка едни на други и да потврдиме дека заедницата постои токму во спремноста да делуваме заедно“, порачуваат организаторите Радивоје Динуловиќ, Јелена Кнежевиќ и Филип Јовановски. Иницијативата вклучува млади луѓе, студенти и независни уметници во јавна артикулација на отпорот и самоорганизирањето.

Репертоарот на „Златен Елец“ во четврток се сели на меѓународниот фестивал „Без Рамка“ во Демир Капија со изведбата на „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска. Претставата се враќа на сцена по две години пауза, а скопската публика ќе може да ја погледне во понеделник, на 9 ноември во Јавна Соба од 20 часот.


До крајот на месецот театарот ќе го прикаже и текстот „Свињи“ од Томислав Зајец, исто така во режија на Стојаноска, со изведби во Скопје и Прилеп. Ансамблот за следниот месец најавува термински планови и за претставите „Сина сенка“ и „Добри луѓе“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс