Поднаслов:
Дали наскоро вештачката интелигенција ќе го планира, резервира и организира целиот ваш одмор? Технологијата сè повеќе навлегува во туристичката индустрија, а патниците веќе ја користат за да бараат летови, да споредуваат цени и да откриваат нови дестинации. Сепак, останува прашањето дали ВИ може да одговори на сè поголемите очекувања и колку луѓето се подготвени да ѝ ја препуштат контролата врз своите патувања.
Развојот на технологијата е брз, но нејзината способност да обезбеди точни и сложени информации сè уште има ограничувања. Едно е да препорача хотел или да предложи маршрутa, а сосема друго е да провери реална достапност, да пресмета трошоци и да организира патување со повеќе поврзани резервации.
Истражувања и прогнози на водечки компании од туристичката индустрија покажуваат дека вештачката интелигенција може значително да го промени патувањето во следните години. Но, не сите предвидуваат дека луѓето ќе сакаат целосно да ѝ ја препуштат организацијата на одморите.
Зошто 2032 година се смета за пресвртница?
Според новото истражување на глобалната технолошка компанија за патувања „Амадеус“, 2032 година би можела да биде пресвртница за туристичката индустрија. Во извештајот „Интелигентното патување 2032“, изработен во соработка со „Стратформа“, се разгледуваат можните сценарија за иднината на патувањата и предизвиците што би можеле да го обликуваат секторот.
Истражувањето издвојува четири можни сценарија.
Во првото, наречено „Големото исклучување“, технологијата би се соочила со ограничувања кога треба да координира сложени патувања. Фрагментираните системи, геополитичките проблеми и непредвидените ситуации во реалниот свет би можеле да ги надминат нејзините можности. ВИ би била корисна за инспирација и препораки, но луѓето и понатаму би морале да преземат контрола кога ќе треба да се организираат посложени патувања или да се решат итни проблеми.
Второто сценарио, „Урамнотежени граници“, предвидува дека до 2032 година вештачката интелигенција ќе стане многу поспособна, но луѓето повнимателно ќе одлучуваат кога да ја користат. Технологијата би ги отстранувала непотребните компликации при организацијата на патувањата, без да ги потисне изборот, откривањето нови места и човечките контакти што му даваат вредност на патувањето.
Во ова сценарио, дигиталното исклучување би станало посакувано искуство. Дел од патниците би барале автентичност, приватност, спонтани откритија и вистинска интеракција со луѓето, наместо секој момент од одморот да биде организиран преку технологија.
Третото сценарио, „Машина против машина“, предвидува дека туристичката индустрија ќе ги интегрира системите за ВИ, а очекувањата на патниците ќе растат. Кога нешто нема да функционира според планот, корисниците нема да го прифаќаат тоа како неизбежен проблем на автоматизацијата, туку ќе бараат одговорност од компаниите што ја обезбедуваат услугата. Ќе биде сè поважно и да се знае како алгоритмите донесуваат одлуки и врз основа на кои информации.
Четвртото сценарио, „Дали патниците добиваат вистинска услуга?“, се однесува на недовербата и загриженоста околу тоа дали ВИ навистина нуди подобри услуги по прифатлива цена. Прифаќањето на технологијата би можело да биде нерамномерно и претпазливо, особено поради прашањата за приватноста, автономијата, правичноста и одговорноста.
Речиси половина од патниците веќе користеле ВИ
Истражувањето „Глобално истражување за патници 2026“ на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), спроведено врз повеќе од 10.000 испитаници од 200 земји, покажува дека вештачката интелигенција веќе станува дел од планирањето патувања.
Речиси половина од испитаниците, односно 49 отсто, изјавиле дека користеле ВИ при планирање патување. Од нив, 21 отсто ја користеле за пребарување летови до одредена дестинација, 19 отсто за пронаоѓање најевтини летови, а 17 отсто за добивање инспирација каде да патуваат.
„Луѓето ја користат вештачката интелигенција за да ги планираат своите патувања“, изјавил Ник Керин, потпретседател за операции, безбедност и сигурност во ИАТА. Според него, авиокомпаниите ќе треба да обезбедат нивните понуди да бидат видливи и во ВИ-алатките, но и да овозможат едноставен премин од разговор со асистентот до вистинска резервација.
И компанијата за воздухопловни и туристички услуги „Дната“ очекува големи промени. Нејзиниот извршен директор, Набил Султан Ал Мур, за „Еуроњуз Травел“ изјавил дека ВИ и технологијата ќе донесат значајни предности во подобрувањето на искуството на патниците, како и во понудата на попривлечни услуги и производи.
ВИ за идеи, но не и за конечни одлуки
Истражувањето „Идниот патник“, спроведено од „Туриз“ и „Јуромонитор Интернешнл“, покажува дека патниците се заинтересирани за помошта од вештачката интелигенција, но сакаат самите да ги носат конечните одлуки.
Според извештајот, 31 отсто од патниците планираат да користат ВИ за планирање и резервирање патувања во 2026 година. Оваа тенденција е најизразена кај миленијалците, од кои 34 отсто ја користат за таа цел, во споредба со 29 отсто од генерацијата З.
Кога станува збор за информации и препораки, уделот е уште поголем: 59 отсто од испитаниците ја користат ВИ за оваа намена. Највисок е кај бејби-бумерите – 67 отсто, и генерацијата Икс – 65 отсто, додека кај миленијалците изнесува 57 отсто.
Истражувањето предвидува дека ВИ може да прерасне и во личен придружник за време на патувањето. Во анкета спроведена во 2025 година, 64 отсто од испитаниците изјавиле дека би платиле за асистент со вештачка интелигенција кој би им давал информации додека се на пат.
Патниците се возбудени, но не ѝ веруваат целосно на технологијата
Истражувањето „Глобален извештај за ставовите кон ВИ“ на „Букинг.ком“ од 2025 година покажува дека патниците сè уште не се подготвени целосно да ја препуштат контролата на технологијата. Само 12 отсто од нив би се чувствувале удобно ако алатките за ВИ самостојно донесуваат одлуки во нивно име.
Недовербата кон информациите генерирани од ВИ била најизразена во Северна Америка, каде што 32 отсто од испитаниците изразиле сомнеж. Во Европа и на Блискиот Исток уделот изнесувал 29 отсто.
Истражувањето опфатило 37.000 потрошувачи на 33 пазари. И покрај резервите, 86 отсто од испитаниците во Европа и на Блискиот Исток изјавиле дека се возбудени од можностите што ги нуди ВИ, а 74 отсто рекле дека се запознаени со технологијата и начинот на кој функционира.
На глобално ниво, 91 отсто изразиле возбуда поради развојот на ВИ, но само шест отсто рекле дека ѝ веруваат целосно. Десет отсто изјавиле дека се чувствуваат многу непријатно во врска со технологијата и дека не би ѝ верувале без човечко одобрување.
Сепак, 89 отсто сакаат да ја користат ВИ во идните патувања. За 24 отсто од испитаниците таа е подоверлив извор на информации отколку блогерите или инфлуенсерите на социјалните мрежи, на кои им веруваат 19, односно 14 отсто.
Џејмс Вотерс, директор за бизнис во „Букинг.ком“, смета дека генеративната ВИ е една од најзначајните технолошки промени на нашето време и дека суштински го менува начинот на кој потрошувачите комуницираат со светот околу себе. Според него, развојот на технологијата ги зголемува и очекувањата на корисниците од услугите што ги добиваат.
Точноста ќе одлучува дали патниците ќе ѝ веруваат на ВИ
Точноста на информациите ќе биде еден од најголемите тестови за вештачката интелигенција во туризмот. На конференцијата „Фокусрајт“, одржана во ноември во Флорида, претставници на туристичката индустрија посочиле дека технологијата сè уште не успева целосно да ги поврзе своите системи со каналите за резервации.
Тереза Мекинтош, извршна директорка на „Ејвен Хоспиталити“, компанија што развива софтвер за угостителски објекти со помош на ВИ, предупредува дека постои голема разлика меѓу препораката за хотел и реалното завршување на резервацијата.
„Едно е асистентот со ВИ да препорача хотел, а сосема друго е да пронајде точни цени, да ја провери достапноста во реално време и потоа да ја заврши резервацијата“, вели таа.
На сличен проблем укажува и Кенет Јохансен, директор за приходи во „Травелпорт“. Според него, колку поголема улога ќе има ВИ во планирањето патувања, толку поважни ќе станат квалитетот и точноста на информациите врз кои се темелат нејзините препораки.
Но, најголемата промена би можела да се почувствува кога патувањето нема да оди според планот. Откажани летови, пропуштени врски и ненадејни промени во распоредот би можеле да се решаваат преку ВИ, без чекање на шалтерите на аеродромите или долги разговори со службите за корисници.
Никлас Андреен, директор за комерцијални операции во секторот за авијациска технологија на „Сејбр“, смета дека токму во решавањето на ваквите проблеми патниците најдиректно ќе ги почувствуваат придобивките од технологијата во 2027 година.
ВИ-асистентите би можеле да ги препознаваат нарушувањата во патувањето, да предлагаат алтернативни резервации и да потврдуваат промени за неколку минути, понекогаш и пред патникот да сфати дека настанал проблем. Така, технологијата постепено би се претворила од алатка за инспирација во систем што може да пребарува, резервира, менува и управува со патувањата.
Прашањето, сепак, не е само колку работи ќе може да заврши вештачката интелигенција, туку и колку точни ќе бидат нејзините информации, кој ќе одговара за грешките и колкава контрола ќе им остане на патниците. Иднината на туризмот можеби ќе биде сè повеќе автоматизирана, но довербата и човечкиот избор ќе останат важен дел од искуството.
