Македонскиот национален павилјон на 61. Венециско биенале за уметност официјално ќе биде отворен денеска во 18:30 часот, со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Поставката, сместена во Спацио Кастело 77, на влезот во престижното Арсенале, веќе привлекува внимание кај посетителите на Биеналето.
Во фокусот на проектот е монументална претстава на „Пиета“, прекриена со златни ургентни фолии. Делото ја користи препознатливата религиозна и уметничка слика како основа за размислување за човечката ранливост, телото, грижата и итноста на современите кризи.
Кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада објаснуваат дека Жерновски ја обвиткува Пиетата со златни прекривки изработени од метализиран пластичен филм, материјал првично произведен за вселенски мисии. Овие фолии се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина, а во делото добиваат ново симболичко значење, поврзано со заштита, преживување и ургентност.
Организатор на македонското претставување е Музејот на современата уметност – Скопје, комесар е Авни Ќаили, а на отворањето е најавено обраќање на Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.
Годинашната главна изложба на Биеналето се одржува под наслов „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), според концептот на кураторката Којо Куох, која почина пред една година. Изложбата ја реализира тимот што таа го избрала. На главната изложба се претставени дела од 110 уметници од целиот свет, а на локациите Арсенале и Џардини има 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.
Биеналето деновиве е отворено за специјална публика, меѓу која уметници, куратори, галеристи и претставници на институции, а за пошироката јавност ќе биде отворено од утре до 22 ноември, кога на свечена церемонија ќе бидат доделени наградите „Златен лав“.

Велимир Жерновски е роден во 1981 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи со цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, уметнички книги и сценски дизајн, истражувајќи теми поврзани со идентитетот, урбаноста и популарната култура.
Со самостојни изложби во Њујорк, Париз, Виена, Фрајбург, Белград и Скопје, како и со бројни групни изложби во Европа, САД и Азија, Жерновски е еден од македонските уметници со континуирано меѓународно присуство. Со „Пиета во прекривките на ургентноста“, неговиот јазик се префрла во простор каде уметноста зборува за заштита, кревкост и прашањето што значи да се биде човек во време на постојана криза.