Вечерва започнува јубилејното 40-то издание на Штипското културно лето

Најголемата летна манифестација во источниот дел на земјата – Штипското културно лето, вечерва го одбележува своето јубилејно, 40-то издание. Почетокот е закажан за 20:30 часот во уметничката галерија Безистен, со концерт посветен на автентичната чалгиска музика. Ќе настапи Филип Шубевски со Езгија квартет, група која негува староградски звук кој одамна не се слушнал во Штип.

„Сè е подготвено. Го започнуваме летото со квалитетен концерт кој верувам ќе го привлече вниманието на публиката. Целата програма во рамки на Штипското културно лето е со бесплатен влез, па ги покануваме сите љубители на културата да ни се придружат“, изјави Бобан Панајотов од Општина Штип.

Програмата оваа година вклучува концерти, театарски претстави, книжевни читања, изложби и креативни работилници. Организаторите се погрижија да понудат настани за сите возрасти, со посебен фокус на најмладите.

„Имаме неколку настани наменети за децата и младите. Посебно би ја издвоил детската претстава Пепелашка, која ќе се одржи на 26 јуни во Домот на културата ‘Ацо Шопов’. Ги покануваме родителите и бабите и дедовците да дојдат со најмладите и заедно да уживаат“, додаде Панајотов.

Штип ќе живее во ритамот на уметноста, музиката и културата сè до крајот на јули. Јубилејното издание носи разновидна програма што ги спојува традицијата, современиот израз и локалните уметници – културно лето за паметење.Tools

е-Трн да боцка во твојот инбокс