Ватсап се менува: Андроид добива нов изглед, а Мета АИ добива свое место

Новата навигациска лента е позаоблена и полупроѕирна, а промените засега се тестираат во бета-верзијата на апликацијата.

Ватсап подготвува нов изглед за Андроид, а првите промени веќе се појавија во бета-верзијата на апликацијата. Најголемата новина не е само визуелна. Мета АИ, асистентот на компанијата Мета, би можел да добие сопствено место во главната навигација, наместо досегашното место како лебдечко копче над копчето за пишување нова порака.

Според „ВабетаИнфо“, во развој е редизајнирана долна навигациска лента преку која корисниците ќе пристапуваат до главните функции на Ватсап.

Мета АИ добива сопствено место

Во актуелниот интерфејс, Мета АИ се појавува како посебно лебдечко копче. Со новиот дизајн, тој би бил интегриран директно во навигациската лента на дното на екранот. Тоа значи дека Мета АИ би станал повидлив и подостапен дел од главниот интерфејс на апликацијата.

Редизајнот, сепак, сè уште не е завршен. Во тест-верзијата копчето за Мета АИ во одредени ситуации се појавува на две места, што покажува дека конечниот распоред сè уште може да биде променет.

Новата лента личи на верзијата за Ајфон

Промени има и во самиот изглед на навигацијата. Новата лента е позаоблена, има поизразена овална форма и е делумно проѕирна. Визуелно потсетува на решението што Ватсап веќе го користи на Ајфон.

Проѕирноста засега не е толку изразена како кај „Епл“, но дизајнот би требало да му даде на Андроид интерфејсот помодерен изглед. Новиот изглед ќе функционира и во темниот режим.

Кога ќе стигне до сите?

Редизајнот е забележан во бета-верзијата 2.26.38.10 на Ватсап за Андроид и засега е достапен само за корисниците вклучени во бета-програмата. Мета сè уште нема објавено датум за поширока достапност.

Бидејќи станува збор за верзија во развој, можно е дел од елементите да бидат променети или целосно отстранети пред редизајнот да биде пуштен до сите корисници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс