Вашингтон со нова стратегија за Западен Балкан: Заврши ерата на „градење држави“, фокусот е на партнерства и економија

САД ја менуваат стратегијата за Западен Балкан и се откажуваат од политиката на „градење држави“. Новиот фокус е на стабилност, економска соработка, НАТО и намалување на влијанието на Русија и Кина во регионот.

Соединети Американски Држави ја менуваат својата политика кон Западен Балкан и се откажуваат од долгогодишниот пристап на „градење држави“ и интервенционизам, покажува новиот извештај на Стејт департмент доставен до Конгресот.

Во документот се наведува дека новата американска стратегија ќе биде насочена кон стабилност, економска соработка и заемно корисни партнерства, наместо кон долгорочен меѓународен надзор и реконструкција на институциите во регионот.

„Ерата на градење нации предводена од САД помина“, се наведува во извештајот, во кој се потенцира дека Вашингтон сака локалните актери сами да ги решаваат сопствените предизвици, додека американската поддршка ќе биде насочена таму каде што постои заеднички интерес.

Новата политика предвидува продлабочување на безбедносната и економската соработка со шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Посебен акцент се става на инфраструктурни и енергетски проекти, трговски договори и намалување на влијанието на Русија и Кина во регионот. Во извештајот се посочува дека Москва и Пекинг ја користат нестабилноста, корупцијата и слабите институции за да го зголемат своето влијание на Балканот.

Администрацијата најавува и нови трговски договори со Северна Македонија и Србија, како и поддршка за стратешки инфраструктурни коридори и енергетски проекти. Според документот, февруарскиот рамковен договор со Северна Македонија треба да им овозможи на американските компании „невиден пристап“ до македонскиот пазар.

Во безбедносниот сегмент, САД остануваат активни преку НАТО и мисијата КФОР, а продолжуваат и напорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, како и зачувување на стабилноста во БиХ.

Извештајот нагласува дека идниот американски ангажман ќе биде насочен кон „краткорочни и мерливи резултати“, со фокус на економски интереси, борба против организираниот криминал и зголемување на регионалната стабилност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс