На 2 октомври 1944 година е капитулацијата на историското Варшавско востание, со кое полските сили се обидоа самостојно да ја ослободат својата престолнина од германската окупација. Востанието, предводено од полската Татковинска војска, започна во момент кога германските трупи се повлекуваа пред напредувањето на Црвената армија. Главната цел на полската влада во егзил беше ослободување на градот пред доаѓањето на советските сили, за да се спречи Полска да стане сателитска држава под контрола на Москва.

Deutsche Polizei im Kampf gegen die Aufständischen in Warschau. Es geht wieder weiter nach vorn, um den letzten Widerstand der polnischen Aufständischen zu brechen.
Foto: SS-PK-Seidel; herausgegeben am 11.9.1944
Околу 40.000 борци, меѓу кои имало голем број жени и малолетници, ги зазедоа клучните стратешки точки во градот и поставија барикади. Сепак, најголемиот проблем за полските сили беше акутниот недостаток на оружје и залихи. Иако помош беше ветена и од Истокот и од Западот, таа никогаш не пристигна во потребниот обем. Советите, по наредба на Сталин, го сопреа своето напредување на приодите кон градот, препуштајќи им на германските сили под команда на Хајнрих Химлер сурово да го загушат отпорот.

По 63 дена непрекинати борби и откако стана јасно дека сојузничка поддршка нема да има, востаниците конечно се предадоа. Последиците беа катастрофални, се проценува дека загинаа над 200.000 луѓе, а повеќето преживеани борци беа испратени во работни логори. По наредба на Адолф Хитлер, Варшавскиот востанички подвиг беше казнет со систематско уништување на градот, при што беа срамнети со земја речиси 90 проценти од сите градски објекти.