Вардар со играч помалку испушти сензација: Рига со четири гола во продолженијата ги заврши европските надежи

Македонскиот шампион водеше со 2:0 и беше на чекор до третото квалификациско коло, но црвениот картон и драматичниот финиш му ја одзедоа европската есен.

Вардар ја заврши својата европска авантура откако беше елиминиран од летонска Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Иако „црвено-црните“ водеа со 2:0 и беа на чекор до пласман понатаму, на крајот загубија со 5:2 по продолженијата.

По поразот од 3:2 во Скопје, Вардар одлично го отвори реваншот. Во 17. минута Давид Бабунски ја затресе мрежата по одличното додавање на Пулејо и му донесе водство на македонскиот шампион.

Само две минути подоцна натпреварот доби поинаков тек. По грешка на средината од теренот, Најдовски со прекршок спречи опасна контра на Бадамоси, а главниот судија од Грузија му покажа директен црвен картон, оставајќи го Вардар со десет фудбалери.

И покрај играчот помалку, Вардар успеа да ја зголеми предноста. Во 66. минута Омерагиќ погоди за 2:0, резултат кој во тој момент го носеше македонскиот првак во третото квалификациско коло.

Сепак, Рига не се предаде. Таиво во 87. минута намали на 2:1 и го однесе натпреварот во продолженија, каде домашниот тим целосно ја презеде иницијативата. Во дополнителните 30 минути Ауани израмни на 2:2, а потоа Иаго Сиквера, Региналдо Рамирес и Кајо Фереира постигнаа уште три гола за убедливи 5:2 и пласман на Рига во следната рунда.

Со ова Вардар ги заврши настапите во Европа за оваа сезона и сега целосно ќе се насочи кон домашното првенство. Рига во третото квалификациско коло најверојатно ќе се соочи со унгарски Ѓер, кој има убедлива предност по првиот натпревар против Бисен од Луксембург.

е-Трн да боцка во твојот инбокс