Вакцините против рак влегуваат во нова ера: Тестирањето на Мерк и Модерна носи позитивни вести

Позитивните резултати од големото испитување на персонализираната mRNA вакцина го отвораат патот за нов пристап во онкологијата и третман на повеќе видови тумори.
Фото: Alachua County/Flickr

Клиничкото испитување во кое учествуваа над 1.000 пациенти со меланом потврди дека персонализираната mRNA вакцина, во комбинација со имунотерапија, значително го спречува повторното враќање и ширење на болеста. Медицинските експерти го оценуваат овој успех како пресвртна точка што нуди можност за примена на слична технологија кај широк спектар на канцери.

За разлика од класичната хемотерапија која ги уништува и здравите клетки, или стандардната имунотерапија која општо го стимулира имунитетот, оваа вакцина дејствува прецизно. Истражувачите создаваат приспособена вакцина која го тренира имунолошкиот систем да ги препознае и нападне специфичните мутации што постојат исклучиво на туморот на конкретниот пациент.

Третманот, познат како интисмеран автоген, комбинира до девет дози од имунотерапевтикот Китруда (Keytruda) на Мерк, кои се аплицираат на секои шест недели, со исто толку дози од приспособената mRNA вакцина на Модерна. Во претходната фаза од испитувањата, следењето на пациентите во период од пет години покажа дека оваа комбинација го намалува ризикот од враќање на ракот за 50 проценти, додека ризикот од метастази на нови органи е намален за 59 проценти во споредба со употребата на самата Китруда.

По успехот со меланомот, фармацевтските компании веќе спроведуваат доцни фази на клинички испитувања кај пациенти со опериран неситноклеточен рак на белите дробови. Истовремено се одвиваат и тестирања за третман на рак на мочниот меур, бубрезите, панкреасот и стомакот.

Паралелно со нив, компаниите Рош и Бионтек тестираат слична терапија базирана на mRNA наречена автоген цевумеран, со фокус на пациентите со рак на дебелото црево и панкреасот. Првите резултати од овие студии за рак на дебелото црево се очекуваат во 2027 година, додека податоците за панкреасот се планирани за 2031 година.

Во сите досегашни фази од тестирањето не се забележани нови или потешки нуспојави со додавањето на вакцината во терапијата. Пациентите пријавиле вообичаени реакции карактеристични за стандардните вакцини против грип или Ковид-19, како благо покачена температура или замор.

Бидејќи меланомот е познат по тоа што создава голем број мутации, тој беше идеален за првичните тестирања. Меѓутоа, лекарите истакнуваат дека и многу други типови тумори имаат слични мутациски карактеристики, што укажува на тоа дека методот може да има широка клиничка примена во наредните неколку години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс