Ибрахимовиќ: „Модриќ не игра фудбал, тој е фудбал“

Златан Ибрахимовиќ и Тиери Анри со големи пофалби за Хрватска пред мечот со Панама. Анри ја истакна неверојатната историја на „коцкестите“, а Ибрахимовиќ го нарече Лука Модриќ вистинска фудбалска легенда.

Фудбалските легенди Златан Ибрахимовиќ и Тиери Анри упатија низа пофалби кон хрватската репрезентација и капитенот Лука Модриќ во студиската програма на американската телевизија Fox пред натпреварот меѓу Хрватска и Панама на Светското првенство. Анри потсети на големите успеси на Хрватска на светските шампионати и нагласи дека станува збор за репрезентација која со децении ги надминува очекувањата.

„Се сеќавам на Хрватска од Светското првенство во 1998 година, кога за малку ќе нè елиминираше во полуфиналето. Тогаш го имаа Давор Шукер, освоија бронза, потоа стигнаа до сребро во Русија и повторно до бронза во Катар. Тоа е земја со помалку од четири милиони жители, но секогаш е конкурентна. Горди се, храбри и никогаш не е лесно да се игра против нив“, изјави Анри.

Златан Ибрахимовиќ, во свој препознатлив стил, посебно се осврна на Лука Модриќ, кого го опиша како еден од најголемите фудбалски мајстори на денешницата.

„Лука Модриќ не игра фудбал, тој е фудбал. Во Милан покажа дека е вистински маестро. Се движи поинаку, размислува поинаку и ја гледа играта на начин што ретко кој може. Тој е легенда на фудбалот и тоа го докажа на најголемата сцена, на светските првенства“, порача Ибрахимовиќ.

Изјавите на двајцата великани предизвикаа големо внимание кај навивачите, особено поради признанието за континуитетот на успесите на Хрватска и влијанието што Лука Модриќ го има врз современиот фудбал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс