40 степени веќе не се вест: Македонија влегува во ерата на екстремните лета

Метеоролозите најавуваат лето со температури и до 3 степени над просекот, а највисоките удари ги трпат котлинските градови. Здравствените власти веќе редовно испраќаат итни апели – и тоа станува нова нормалност.

Температура од 39 или дури 40 степени веќе не предизвикува изненадување во Македонија и станува редовна летна вест. Според најновите анализи на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), летото 2026 година носи температури над просекот за речиси целата територија на земјата, со најголемо отстапување токму во јули. Зад бројките стои поширок тренд, Европа е континентот што се загрева најбрзо во светот, а Македонија, со своите котлински градови, е меѓу поранливите делови на регионот.

Колку навистина се зголемија топлотните бранови

Според експерти од Одделението за климатологија и климатски промени во УХМР, анализите за летово покажуваат дека температурите можат да го надминат повеќегодишниот просек и за 3 степени на речиси целата територија на земјата, со најголемо позитивно отстапување очекувано токму во јули.

Најранливи на суша се оценети североисточниот, скопскиот, вардарскиот, пелагонискиот и југоисточниот регион, при што скопската и штипската котлина, како и Овчеполието, се посочени како особено чувствителни подрачја.

Овој тренд не е изолиран настан, туку дел од поширока слика, според Светската метеоролошка организација и европската служба „Коперникус“, Европа е континентот што се загрева најбрзо на планетата. Раководителот за климатски информации во организацијата, Џон Кенеди, посочува дека во педесетте години по историскиот топлотен бран од 1976 година, континентот во просек се затоплил за околу два Целзиусови степени, трансформација што директно се одразува и на летата во Македонија.

Светската банка, пак, во извештај од 2024 година проценува дека земјава ќе треба да инвестира 6,4 милијарди американски долари во следната деценија за ефикасна заштита на луѓето и имотот од последиците на климатските промени, откако минатото веќе е обележано со разорни поплави и екстремни временски настани.

Кои градови горат најмногу

Кога топлотните бранови го зафаќаат целиот регион, разликите меѓу градовите остануваат забележливи. Според мерењата на УХМР во текот на овој јули, во групата на најжешки градови најчесто се наоѓаат Велес, каде во едно мерење беа регистрирани 35,7 степени, Демир Капија со 35,2, како и Штип, Гевгелија и Кавадарци, сите со идентични 34,8 степени.

Во истиот бран, Куманово достигна 33,6, Струмица 33,5, а дневните максимуми низ земјата повторно се движеа кон 39, а на места и до 40 степени.

Спротивно на котлинските и јужните градови, највисоките планински предели – Попова Шапка, Маврови Анови, Берово и Крива Паланка, остануваат забележливо посвежи, честопати со разлика од 15 до 20 степени во утринските часови во однос на најжешките точки во земјата.

Освен граѓаните, продолжените топлотни бранови ја ставаат на тест и инфраструктурата, од електроенергетските мрежи, преку патиштата, до водоснабдувањето и земјоделството.

Иако во Македонија досега не се регистрирани поголеми прекини во снабдувањето со струја директно поврзани со топлотните бранови, операторите редовно ги засилуваат дежурствата и мониторингот во периоди на екстремна потрошувачка, а покачените ноќни температури создаваат и таканаречени тропски ноќи, кога организмот нема доволно време да се разлади ниту навечер.

Како топлината директно го напаѓа здравјето

Институтот за јавно здравје редовно испраќа итни апели во деновите пред најавени топлотни бранови, повикувајќи на почитување на мерките за заштита на здравјето кај општата популација, а особено кај ранливите групи.

Најсериозна последица од изложеноста на високи температури е топлотниот удар, состојба која бара итна медицинска интервенција.

Институтот дава јасни упатства за прва помош, при симптоми на топлотен удар веднаш да се повика 194 или 112, лицето да се пренесе во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода, да не му се дава никаква терапија пред да пристигне лекарска помош, а доколку е во несвест, да се постави во странична положба.

Кои се најзагрозени

Според ИЈЗ, за ранливи категории се сметаат постарите лица, хронично болните, лицата со зголемена телесна тежина и бремените жени, групи кај кои телото потешко се справува со терморегулацијата во услови на екстремна топлина.

Посебно внимание Институтот посветува и на вработените изложени на високи температури и топлинско зрачење на работното место, градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници во достава и слични професии, кои губат големи количини течност додека работат на отворено.

За овие категории се препорачуваат вонредни прегледи од специјалист по медицина на трудот, со цел индивидуализирана проценка на нивната работоспособност во дадените временски услови, прераспределување на работните места кај најранливите вработени, како и консултации со избран лекар за терапија или потреба од боледување.

Новата нормалност

Она што некогаш се сметаше за исклучок,– неколку денови годишно со температури над 35 степени – сè повеќе станува очекувана карактеристика на секое лето.

Комбинацијата од климатски проекции, географската положба на котлинските градови и веќе воспоставената практика на редовни здравствени апели покажува дека прашањето повеќе не е дали ќе има топлотен бран овој јули, туку колку долго ќе трае и колку добро земјата, институциите и граѓаните ќе бидат подготвени за него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс