Утре започнува четвртото издание на „Taste the South“ на нова локација во Гевгелија

„Taste the South“ четврта година по ред ги обединува гастрономската традиција, локалните производители, културното наследство и музиката

Утре, 11 септември, во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Во текот на три фестивалски дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционални вкусови, локални гастрономски производи, вина, музика и програма наменета за сите генерации.

Годинешното издание ќе се одржи на нова локација – во Mega Shopping Park во Гевгелија. Фестивалот ќе започне утре во 18:30 часот, а програмата во петок и сабота ќе трае до 01:00 часот по полноќ. Во недела, содржините ќе започнат во 14:00 часот и ќе продолжат до полноќ.

„Taste the South“ четврта година по ред ги обединува гастрономската традиција, локалните производители, културното наследство и музиката во единствено фестивалско доживување. Секој фестивалски ден ќе биде посветен на различен препознатлив вкус од југот. Во петок, посетителите ќе можат да ја проследат подготовката и да дегустираат домашен ајвар. Саботата ќе биде посветена на смоквите и производите од нив, додека во недела ќе се одржи дегустација на традиционална ракија.

Во фестивалската понуда ќе учествуваат и локални производители и винарии, кои пред посетителите ќе претстават избор на производи и вина. На тој начин, фестивалот ја промовира автентичната гастрономија на гевгелискиот регион и го доближува неговото културно и кулинарско наследство до домашните и странските посетители.

Петок, 11 септември

Музичката програма ќе започне во 18:30 часот со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. Во 19:30 часот ќе настапи Филип Стојанов, во 20:45 часот „Пауза за ракија“, а во 22:10 часот „Куку Леле“. Првата фестивалска вечер ќе ја заокружат „Брас Брадарс“, чиј настап е закажан за 23:50 часот.

Петочната гастрономска програма ќе биде посветена на подготовката и дегустацијата на ајвар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс