Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа. Од Фондот појаснуваат дека со новите правила не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба.
Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.
Особено внимание во јавноста предизвика промената од седум на пет дена во критериумите, но од Фондот нагласуваат дека тоа не значи дека боледувањето автоматски завршува по пет дена. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена, до која матичниот лекар може да утврди привремена спреченост за работа, останува непроменета.
Помалку административни постапки за пациентите
Со измените се воведуваат и повеќе олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со цел да се намалат непотребните административни постапки и потребата пациентите повеќепати да се движат низ здравствениот систем.
За дел од дијагнозите пациентот нема да мора да биде упатуван на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. За други дијагнози, пак, се проширува временската рамка предвидена со критериумите.
По истекот на 15 дена, предлогот за привремена спреченост за работа матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.
Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Ова особено се однесува на тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица кои се на болничко лекување, како и на други оправдани случаи.
Олеснување е предвидено и за лицата со хронични заболувања. Тие ќе можат да ги користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања.
Новите правила ги прецизираат и условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои и по завршено болничко лекување.
Посебни олеснувања за бремени жени и доилки
Со измените се предвидува олеснување и за бремените жени и доилките во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
Кај определени тешки заболувања, пак, се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење при боледувања подолги од 60 дена.
Од Фондот велат дека новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година. Целта е критериумите да се усогласат со современите можности на медицината и дијагностиката, но истовремено да се отстранат административните постапки кои непотребно ги оптоваруваат пациентите и лекарите.
Измените беа дополнително разгледувани и разјаснувани во периодот меѓу прекинот и продолжението на седницата на Управниот одбор, по што членовите едногласно ги усвоија.
Од Фондот очекуваат со новите правила да се постигне баланс меѓу современи и медицински оправдани критериуми, олеснета постапка за пациентите и лекарите и сигурност дека осигурениците ќе го остварат правото на боледување секогаш кога тоа го бара нивната здравствена состојба.