US Open почна со квалификации, а до пред три години имаше правило што го разликуваше од сите Грен слем турнири

US Open со години беше единствениот Грен слем турнир на кој тенисерите и тенисерките играа со различни топчиња. Правилото беше променето во 2023 година.

Во Њујорк почна US Open, последниот Грен слем турнир во тениската сезона. Оваа недела се играат квалификациите, додека главниот турнир во поединечна конкуренција почнува во недела, на 30 август.

Но, со почетокот на еден од најголемите тениски турнири, интересно е да се потсетиме на едно необично правило по кое US Open со години беше исклучок меѓу Грен слем турнирите.

Сè до 2023 година, тенисерките и тенисерите во поединечна конкуренција не играа со ист тип топчиња.

Мажите и жените играа со различни топчиња

US Open беше единствениот Грен слем турнир на кој за машките и женските мечеви се користеа различни верзии на топчиња.

Тенисерите играа со Wilson Extra Duty топчиња, кои имаат поиздржлив филц, додека тенисерките користеа Regular Duty верзија.

Разликата не била во големината на топчето, туку главно во филцот и во начинот на кој топчето се однесува за време на играта.

Практиката беше променета по критиките од тенисерките, па од 2023 година и жените почнаа да користат Extra Duty топчиња.

Ига Швјонтек беше меѓу најгласните критичарки

Различните топчиња особено дојдоа во фокус за време на US Open во 2022 година.

Дел од тенисерките сметаа дека Regular Duty топчињата се пребрзи и потешки за контрола.

Меѓу најгласните критичарки беше Ига Швјонтек, која тогаш изјави дека со таквите топчиња тенисерките прават повеќе грешки.

„Со овие топчиња сигурно правиме повеќе грешки. Мислам дека ни визуелно не изгледа добро. Не знам зошто се различни од машките“, рече тогаш Швјонтек.

Таа го спомена и објаснувањето дека полесните топчиња претходно биле воведени поради загриженост за можни повреди кај тенисерките, но сметаше дека таквиот аргумент повеќе нема оправдување.

„Денес сме физички толку подготвени што не верувам дека тоа би се случило. Чувството е дека е многу тешко да се контролираат, но условите се исти за сите, па се снаоѓаме. Искрено, не разбирам зошто се различни“, изјави таа.

Промената дојде во 2023 година

Организаторите реагираа на барањата на тенисерките и веќе на US Open во 2023 година беше воведена промена.

Директорката на турнирот Стејси Аластер тогаш објасни дека WTA секоја година им ги пренесува на организаторите желбите на тенисерките за тоа кој тип Wilson топчиња сакаат да го користат.

По US Open 2022, тенисерките побараа промена.

„За време на минатогодишниот турнир некои тенисерки изразија желба за промена. Се сретнав со дел од нив и им реков: ‘Разговарајте со Стив Сајмон, претседателот на WTA, и со вашите претставнички во советот на тенисерки. Ако WTA сака да ја промени топката, нема проблем, Wilson може да го обезбеди тоа’“, објасни Аластер.

Од US Open 2023, тенисерките почнаа да ги користат истите Extra Duty топчиња како и тенисерите.

Одлуката тогаш ја поздрави и Ерик Буторак од Американската тениска асоцијација.

„Долги години користевме различни топчиња за мажи и жени. Но тенисерките ни се обратија и рекоа дека сакаат да користат Wilson Extra Duty топчиња. Рековме: ‘Одлично, нема проблем.’ Мислам дека тоа е позитивна работа“, рече тој.

US Open прв ги изедначи паричните награди

Промената на топчињата беше уште еден чекор кон еднакви услови за тенисерите и тенисерките на турнир што има важна историска улога во ова прашање.

US Open уште во 1973 година стана првиот Грен слем турнир што обезбеди еднакви парични награди за мажите и жените, а голема улога во таа промена имаше Били Џин Кинг.

Колку голема била разликата претходно покажува изданието од 1972 година. Победникот во машка конкуренција, Илие Нестасе, добил 25.000 долари, додека Били Џин Кинг за освојување на женскиот турнир добила 10.000 долари.

Веќе следната година, победниците во двете конкуренции добиле по 25.000 долари.

Повеќе од половина век подоцна, US Open останува еден од најважните турнири во светскиот тенис, а годинашното издание почна со квалификациите во Њујорк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс