Првиот рок за упис на кандидати во прва година додипломски студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип за академската 2026/2027 година ќе се одржи на 19, 20 и 21 август.
Уписот ќе се спроведува на 12 факултети и три академии, а според најавите на ректорот Дејан Мираковски, на располагање има вкупно 3.341 слободно место за бруцоши.
Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26 август
Прелиминарните резултати од првиот уписен рок ќе бидат објавени на 26 август, додека конечните решенија за прием ќе бидат објавени на 31 август.
Запишувањето на примените кандидати ќе се одвива на 1, 2 и 3 септември.
„Системот за електронско пријавување е веќе отворен и активен. Имаме над 1.560 пријави или некаде околу 28 отсто повеќе пријавени кандидати од истиот период лани“, изјави Мираковски.
Тој посочи дека кандидатите можат да ги поднесат пријавите електронски, но и директно да ги достават документите. Документите ќе се примаат не само во Штип, туку и во Струмица.
Најголем интерес за медицински науки и информатика
На Универзитетот „Гоце Делчев“ има 1.692 места во државна квота, 972 места за студенти со кофинансирање и 735 места за вонредни студенти.
Според досегашните електронски пријави, најголем интерес има за Факултетот за медицински науки, потоа за Факултетот за информатика, Економскиот и Правниот факултет, а интерес има и за техничките факултети.
Ослободување од партиципација за најдобро рангираните кандидати
Мираковски најави дека и годинава најдобро рангираните кандидати што ќе се пријават во првиот уписен рок ќе бидат ослободени од партиципација, доколку имаат повеќе од 80 поени.
Ослободување е предвидено за 20 студенти на Медицинскиот факултет, односно 10 на Општа медицина и по пет на фармација и дентална медицина. На Факултетот за информатика ќе бидат ослободени 10 студенти, како и по 10 на Земјоделскиот факултет, Факултетот за природни и технички науки, Економскиот, Правниот и Факултетот за туризам и бизнис логистика.
По пет студенти ќе бидат ослободени од партиципација на Електротехничкиот, Машинскиот, Технолошкиот и Факултетот за образовни науки, како и на Музичката академија. На Ликовната и Филмската академија ќе бидат ослободени по двајца студенти.
На Филолошкиот факултет, на групата за македонски јазик, студентите кои ќе се запишат ќе бидат целосно ослободени од плаќање и ќе можат да студираат бесплатно сите четири години, како поддршка за изучување на македонскиот јазик.
Интерес и од странски студенти
Ректорот ги повика сите заинтересирани кандидати навреме да се информираат за можностите за студирање и кариерен развој што ги нуди УГД.
„Ние остануваме посветени на квалитетно образование, транспарентност и поддршка на младите таленти“, рече Мираковски.
Тој додаде дека Универзитетот „Гоце Делчев“ подолг период станува атрактивен и за студенти од странство, особено од земјите во регионот. Пријавени има од Србија, Грција, Бугарија, а најголем дел од странските студенти се од Турција.
Според Мираковски, интерес има и од земји од Европската Унија, особено поради студиските програми што се изведуваат на англиски јазик.