Дел од учесниците на денешниот протест во Тирана упаднаа во Апелациониот суд и предизвикаа материјална штета, по што полицијата употреби солзавец и приведе неколку лица, објави „Еуроњуз Албанија“.
Според извештајот, демонстрантите застанале пред судот за време на маршот низ градот. Дел од нив ги искршиле прозорците и вратата, а биле запалени и известувањата поставени надвор од институцијата.
Упад во судот преку просторот за прием на граѓани
„Еуроњуз Албанија“, чија екипа известуваше од зградата, објави дека најголема штета е предизвикана во просторот за прием и чекање на граѓаните. Демонстрантите влегле во тој дел откако ја скршиле вратата.
Во извештајот се наведуваат скршени стакла и предмети во внатрешноста, како и оштетена огласна табла во судскиот двор.
Полицијата интервенирала непосредно по упадот. Медиумот известува за приведени лица, без да наведе точен број. Euronews Albania
Претходно денеска, премиерот Еди Рама најави по 2.500 евра финансиска поддршка за полицајците ангажирани во првите редови на протестите. Тој најави и значително зголемување на полициските плати од 1 јануари, преку новиот буџет.
