Скопје воведува униформи за средношколците: еднаквост или погрешен приоритет?

Бесплатните униформи за средношколците отворија дебата – дали ќе донесат еднаквост или ги игнорираат вистинските проблеми?

Најавата за воведување бесплатни училишни униформи за средношколците во Скопје отвори широка дебата меѓу родителите и јавноста.

Додека дел од родителите ја поздравуваат мерката како чекор кон поголема еднаквост, други сметаат дека таа не ги адресира вистинските проблеми во образовниот систем.

По најавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека сите ученици ќе добијат бесплатни униформи, многумина посочија дека со тоа конечно може да се намали притисокот врз децата поврзан со носење скапа и брендирана облека. Според нив, униформите ќе помогнат учениците да се чувствуваат порамноправно и да се намали социјалната разлика меѓу нив.

Сепак, има и критички ставови. Дел од родителите велат дека проблемите во училиштата се многу подлабоки и дека приоритет треба да бидат подобри услови за учење, модерна опрема и поголема грижа за безбедноста.

„Нека учат, а не да се мерат по патики и маици“, коментираат едни, додека други прашуваат дали униформите навистина ќе влијаат врз врсничкото насилство и мотивацијата за учење.

Од Град Скопје велат дека целта на мерката е да се обезбедат еднакви услови за сите ученици и да се намали финансискиот товар за семејствата.

„Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека“, порача Ѓорѓиевски.

Според градските власти, воведувањето униформи е дел од поширок пакет мерки за создавање поинклузивна и достоинствена училишна средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс