Унгарија пред нов политички земјотрес: претседателот може да биде сменет веќе следната недела

Премиерот Петер Маѓар поднесе уставни измени со кои може да му биде прекинат мандатот на претседателот Тамаш Шујок. Опозицијата предводена од Фидес обвинува за напад врз демократијата и најавува протести.
epa12886199 Backdropped by the Parliament building, Chairman of the opposition Tisza Party Peter Magyar (R) waves a national flag as he celebrates with supporters after his party won landslide victory in the general elections in Budapest, Hungary, 12 April 2026. EPA/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Унгарија влегува во нова институционална криза. Премиерот Петер Маѓар покрена постапка што може да доведе до смена на претседателот Тамаш Шујок веќе следната недела. Неговата партија Тиса, која од април има двотретинско мнозинство во парламентот, поднесе уставен амандман со кој мандатот на актуелниот претседател би завршил со стапување во сила на измените.

Маѓар, кој на изборите во април ја прекина 16-годишната власт на Виктор Орбан, со месеци бара Шујок да се повлече. Тој го нарекува „марионета на Орбан“ и тврди дека претседателот не ја штител уставната улога на функцијата за време на претходната власт.

Според предложените измени, „мандатот на сегашниот претседател на Републиката престанува со денот на стапување во сила на измената на Основниот закон“. Бидејќи Тиса има двотретинско мнозинство, се очекува амандманот да има поддршка во парламентот.

Пакетот уставни измени не се однесува само на претседателот. Со него се предвидува и промена што би довела до заминување на дел од уставните судии, преку поставување старосна граница за пензионирање од 70 години. Се предлага и ограничување на пратеничките мандати на 12 години.

Шујок засега одбива да поднесе оставка. Тој оценува дека потегот на владата претставува закана за владеењето на правото и за претставничката демократија.

Фидес, партијата на поранешниот премиер Виктор Орбан, ја осуди иницијативата и повика на протести во поддршка на претседателот. Од партијата тврдат дека смената на Шујок би отворила пат кон концентрација на моќ во рацете на новото мнозинство.

Венецијанската комисија на Советот на Европа веќе ја следи ситуацијата, а Европската комисија соопшти дека внимателно го набљудува процесот на уставни измени во Унгарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс