УНЕСКО повторно предлага Охридскиот регион да се впише на Листата на светско наследство во опасност

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-одлука повторно предлага природното и културното наследство на Охридскиот Регион да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.

Конечната одлука ќе биде донесена на 22 јули, во рамки на 48-та сесија на Комитетот, која се одржува од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја.

Ова не е прв ваков обид, откако минатата година, пред 47-та сесија, Комитетот веќе предложи ист чекор. Тогаш, по амандман поднесен од македонската влада, УНЕСКО им даде на Македонија и Албанија дополнителна година за да ги решат идентификуваните проблеми. Според најновата оценка, тој дополнителен рок останал во голема мера неискористен.

Во нацрт-одлуката се наведува дека напредокот во спроведувањето на препораките од мисиите за реактивен мониторинг од 2017, 2020 и 2024 година останува ограничен. Комитетот како главни проблеми ги посочува дивоградбите и нерешените урбанистички прашања, недоволната прекугранична координација меѓу Македонија и Албанија, континуираните инфраструктурни проекти, како и бавното решавање на загадувањето и управувањето со отпадните води. Според оценката на Комитетот, деградацијата на исклучителната универзална вредност на регионот продолжува, и покрај одредени позитивни чекори.

Посебно внимание е посветено на планираната алтернативна траса за железничкиот Коридор 8, за која Комитетот бара сите потребни студии и проценки на влијанието врз наследството да бидат изработени и доставени пред проектот воопшто да продолжи. Од Македонија конкретно се бара забрзана проценка на влијанието од дивоградбите, преземање корективни мерки вклучително и нивно отстранување, како и итна подготовка на Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга.

Доколку одлуката биде усвоена на 22 јули, од Македонија и Албанија ќе се бара заеднички да изготват корективни мерки со јасна временска рамка, и до 1 февруари 2027 година да достават нов извештај за состојбата на локалитетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс