УНЕСКО испрати најсериозно предупредување: Охрид предложен за Листата на светско наследство во опасност

УНЕСКО официјално предложи Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Конечната одлука ќе ја донесе Комитетот за светско наследство во Бусан.

Охридскиот Регион е пред најсериозниот предизвик откако е ставен под заштита на УНЕСКО. Центарот за светско наследство на организацијата официјално го објави документот со анализата за состојбата на природното и културното наследство на регионот и во нацрт-одлуката предложи негово впишување на Листата на светско наследство во опасност.

Документот беше објавен на 13 јули, а во него се оценува дека заканите за исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион сè уште не се отстранети.

Сепак, ова не значи дека Охрид веднаш го губи статусот на светско наследство. За предложената одлука треба да гласа Комитетот за светско наследство на својата 48. сесија, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја. Комитетот може да ја усвои одлуката, да направи измени или повторно да го одложи гласањето.

Според оценката на УНЕСКО, напредокот во исполнувањето на препораките останува ограничен, а регионот и понатаму е изложен на сериозни ризици поради слабостите во управувањето, урбанизацијата, дивоградбите, загадувањето и доцнењето на клучните инфраструктурни проекти.

Најголемата забелешка се однесува на тоа што системот за заштита не функционира како единствена целина. Иако постојат институции, комисии, стратегии и планови, УНЕСКО оценува дека тие не довеле до трајни промени неопходни за зачувување на регионот. Од организацијата се бара управувањето со Охридскиот Регион да биде вистински заедничко и прекугранично, бидејќи подрачјето го делат Северна Македонија и Албанија. Еден од клучните проблеми е и отсуството на целосна Стратегиска оцена на животната средина, која треба да ги покаже кумулативните последици од сите инфраструктурни, туристички и урбанистички проекти.

УНЕСКО предупредува дека без таква анализа не може точно да се процени колкав притисок врз езерото, крајбрежјето, природните живеалишта и културното наследство создаваат проектите што се планираат или веќе се реализираат.

Особено внимание се бара за големите инфраструктурни зафати, меѓу кои и проектите поврзани со Коридорот 8, за кои треба да се утврди дали можат директно или индиректно да влијаат врз заштитеното подрачје. Дивоградбите остануваат еден од најголемите проблеми со кои се соочува Охридскиот Регион.

Во документот се наведува дека не е јасно дали во извештајниот период е отстранет кој било бесправно изграден објект. УНЕСКО повторно бара детална анализа на сите нелегални градби и проценка на нивното влијание врз наследството. Објектите што претставуваат закана треба да бидат отстранети или нивното негативно влијание да биде намалено. Како пример за проблемите со спроведувањето на законите повторно се посочува случајот со хотелот во Лагадин. Дополнително, УНЕСКО оценува дека нема напредок со 19 детални урбанистички планови за кои претходно било утврдено дека можат да имаат негативно влијание врз светското наследство. Се бара запирање на нови урбанистички измени додека не заврши целосната стратегиска процена, како и забрзување на подготовката на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга.

Посебна загриженост е изразена и за комплексот „Горица 3“. УНЕСКО бара градежните активности да бидат запрени додека не се направат потребните анализи за влијанието врз заштитеното подрачје. Сериозен проблем остануваат и отпадните води и управувањето со отпадот. Според УНЕСКО, напредокот во оваа област е ограничен, а загадувањето продолжува да претставува закана за екосистемот на Охридското Езеро. Проектите за санација и проширување на колекторскиот систем доцнат, а проблемите со отпадните води во Струга сè уште не се целосно решени.

Од Северна Македонија и Албанија се бара итно забрзување на проектите за собирање и пречистување на отпадните води, како и воспоставување соодветна регионална инфраструктура за управување со отпад. УНЕСКО повторно предупредува и дека доцни законската заштита на клучни природни подрачја. Прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и на Студенчишкото Блато за парк на природата е во постапка уште од 2021 година, но сè уште нема јасни рокови за завршување.

Според организацијата, додека туристичкиот и градежниот притисок расте, контролата и спроведувањето на законите не се доволно ефикасни на целата територија.

Што значи Листата на светско наследство во опасност?

Впишувањето на оваа листа не значи автоматско губење на статусот на УНЕСКО. Тоа е механизам преку кој организацијата официјално признава дека одредено подрачје е изложено на сериозни и конкретни закани. Потоа се утврдуваат корективни мерки, рокови и услови што треба да бидат исполнети за регионот повторно да биде отстранет од листата. Тоа носи засилен меѓународен надзор, почесто известување и дополнителен притисок врз институциите да ги исполнат преземените обврски.

Во предложената одлука се бара Северна Македонија и Албанија заеднички да подготват план со корективни мерки и јасно дефинирана посакувана состојба. Нов извештај за напредокот треба да биде доставен до 1 февруари 2027 година. Македонската влада претходно изрази оптимизам дека Охрид ќе го задржи постојниот статус. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека очекува позитивен исход, потсетувајќи дека и во 2025 година сличен предлог бил одложен по интервенција на државите членки.

Но, актуелниот документ на УНЕСКО повторно содржи експлицитен предлог за впишување на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност. Конечната одлука ќе биде донесена во Бусан, каде што ќе се види дали меѓународната заедница ќе прифати дополнително одложување или ќе испрати силна порака дека заштитата на Охрид повеќе не може да чека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс