Освежување без апарат за сладолед: Домашен кремаст сладолед од мача чај за топлите денови

Ако сте љубители на карактеристичната комбинација од благо горчлив и кремаст вкус, овој домашен сладолед од мача мора да се најде на вашето летно мени. Најдобриот дел е што за негова подготовка воопшто не ви е потребен специјален апарат.

За подготовка на овој летен десерт потребни ви се 400 милилитри слатка павлака, 200 милилитри засладено кондензирано млеко, две лажички квалитетна мача во прав и една лажичка екстракт од ванила. За изразена зелена боја и поинтензивен вкус може да додадете уште малку мача, но без да претерате за сладоледот да не стане премногу горчлив.

Процесот на подготовка започнува со просејување на мача правот за да се отстранат сите грутчиња, по што се меша со неколку лажици кондензирано млеко додека не се добие мазна паста. Во посебен сад се мати ладната слатка павлака додека не стане цврста и пенаста, но без да се претера со матењето. Потоа се додаваат преостанатото кондензирано млеко, ванилата и подготвената паста од мача, па сè заедно лесно се соединува до добивање на нежно зелена боја.

Подготвената смеса се префрла во сад со капак и се става во замрзнувач најмалку шест часа, а најдобро преку ноќ. За посебно кремаста текстура, сладоледот може да се извади и кратко да се промеша еднаш или двапати во текот на првите неколку часа. Пред сервирање, се препорачува да остане неколку минути на собна температура за да се олесни обликувањето на топките.

На крајот, сладоледот се послужува во корнет или мала чинија со додатоци по желба, како што се трошки од бела чоколада, сечкани ф’стаци, свежи јагоди или малку просејан мача прав. Резултатот е кремаст, ароматичен и визуелно впечатлив десерт со квалитет како од модерна слаткарница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс