УМПАКИ успешно ја заврши последната фаза од проектот FUTURE STORYTELLING

Future Storytelling е хибридна програма за обука на млади креативни професионалци кои работат во областа на филмската и дигиталната продукција

Со презентација на студентски финални дела, вчера на 6ти август во Кинотека на Македонија, Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии  УМПАКИ Скопје, успешно го заврши проектот Future Storytelling, финансиран од Британскиот совет (The British Council), во рамките на програмата WB–UK Creative Skills Development Fund (Фонд за развој на креативни вештини на Западен Балкан – Обединето Кралство) во соработка со Curated Place од Обединетото Кралство. 

Целта на овој проект беше да се воведе нов хибриден модел за обука кој ги обединува продукцијата во областа на визуелните и дигиталните уметности со напредни дигитални креативни вештини, како и практични знаења за продукција и управување со проекти во креативните индустрии.

Future Storytelling е хибридна програма за обука на млади креативни професионалци кои работат во областа на филмската и дигиталната продукција преку интуитивно раскажување приказни. Програмата интегрира две меѓусебно поврзани и заемно надополнувачки компоненти: практична работа во дигитална/креативна продукција и развој на продуцентски вештини во студиска средина. 

Во првата фаза на проектот, беше избрана петчлена македонска делегација за студиска посета  на SODA (School of Digital Arts – Manchester Metropolitan University) во Манчестер која имаше можност да работи и да се запознае со обучувачи и експерти од Обединетото Кралство, кои доаѓаат од областите на филмот, креативното раскажување, анимацијата и гејмингот. 

Втората фаза се состоеше од селекција и воведување на учесниците во програмата, додека пак третата фаза беше 72 часовен креативен предизвик. Триесетина студенти од четири домашни универзитети (студенти по анимација, дизајн на звук, продукција, графички дизајн, фотографија, монтажа и програмирање) имаа можност да работат под менторство на домашни и меѓународни експерти, стекнувајќи практично искуство во користење на најновите технологии кои сè повеќе ја обликуваат иднината на филмската и аудиовизуелната индустрија воопшто. Посебен придонес дадоа експертите од Манчестер, кои преку тридневен тренинг / менторство и специјализирани едукативни материјали овозможија пренос на современи знаења и добри практики пред студентите во Скопје. 

Целта на програмата не беше да ги обучи учесниците само да користат одреден софтвер, туку да им овозможи да го совладаат професионалниот речник, да развијат способности за донесување креативни одлуки и да разберат какви можности нудат современите технологии.

Со цел претставување на работата на учесниците и споделување на постигнувањата на проектот, на 6ти август, УМПАКИ организираше завршен презентациски настан (Immersive Exhibition) во Кинотека на Македонија во склоп на програмата на седмото издание на фестивалот на европски авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ каде што беа презентирани проектните достигнувања и беа врачени Сертификати на учесниците. 

Проектот Future Storytelling е поддржан од Британскиот совет ( The British Council) во рамките на програмата WB–UK Creative Skills Development Fund (Фонд за развој на креативни вештини на Западен Балкан – Обединето Кралство), кој овозможува партнерства помеѓу земјите од Западен Балкан и Обединетото Кралство. Оваа иницијатива е дел од Програмата за креативна економија на Британскиот совет, глобална иницијатива подготвена да ги зајакне културните и креативните индустрии со фокусирање на политиките, истражувањето, застапувањето и градењето капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс