Украински дронови го погодија Крим, Севастопол остана во мрак

По руските напади врз украинската инфраструктура, Киев возврати со масовни удари на Кримскиот Полуостров.

Севастопол, најголемиот град на анектираниот полуостров Крим, остана без електрична енергија по нов масовен напад со украински дронови во утринските часови. Руските власти соопштија дека воените сили се обидуваат да ги одбијат нападите, додека екипите ги проценуваат штетите врз енергетската мрежа. Украинските дронови сѐ почесто гаѓаат стратешки и енергетски објекти длабоко зад линијата на фронтот.

Гувернерот на Севастопол поставен од Москва, Михаил Развожаев, потврди дека градот претрпе сериозен прекин во снабдувањето со струја по бранот напади со беспилотни летала. Тој на својот Телеграм канал и преку руската агенција ТАСС објави дека противвоздушната одбрана дејствува на терен.

Извори од теренот известуваат за неколку експлозии во близина на клучни инфраструктурни објекти. Руските експерти сѐ уште работат на утврдување на точните оштетувања.

Украинските сили ги интензивираа нападите врз руската воена и енергетска инфраструктура како одговор на долготрајната инвазија. Покрај воените бази, на мета на дроновите сѐ почесто се наоѓаат нафтени рафинерии, складишта за гориво и електрични централи.

Целта на овие операции е директно да се наруши логистиката на руската армија и да се намалат ресурсите со кои Москва ги финансира воените дејствија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс