На фронтот во Украина во изминатите 24 часа биле регистрирани 210 борбени судири меѓу украинските и руските сили, соопшти Генералштабот на украинската армија. Најжестоките борби се воделе во правец на Покровск и Костјантиновка, каде украинските сили тврдат дека одбиле десетици руски напади.
Според украинскиот Генералштаб, руските сили извеле 111 воздушни напади, фрлиле 314 наведувани бомби, а биле регистрирани и речиси 9.000 напади со камиказа-дронови, како и повеќе од 3.300 артилериски удари. Украинската армија соопшти дека нејзините воздухопловни, ракетни и артилериски единици погодиле 16 концентрации на руски сили и еден артилериски систем.
Најинтензивни судири имало кај Покровск, каде биле запрени 32 руски напади, и кај Костјантиновка, каде биле регистрирани 31 јуриш. Борбите продолжиле и во областите Харков, Купјанск, Лиман, Славјанск, Краматорск, Гуљајполе и Орихив, додека во северните делови на Слобожанштина и Курск руската војска извела шест воздушни и повеќе од 80 артилериски напади.
Паралелно со борбите на фронтот, најмалку осум лица загинаа, а 11 се повредени во руски напади врз регионот Дњепропетровск, соопшти регионалната воена администрација. Според украинските власти, регионот бил погоден речиси 30 пати, а нападите зафатиле повеќе области, меѓу кои Никопол, Синелникове и Кривји Рог.
Во нападите биле оштетени инфраструктура, приватни домови, возила, бизнис-објекти и гасовод. Меѓу повредените е и 16-годишно момче, кое било хоспитализирано во умерена состојба. Украинските власти претходно соопштија дека во напад во Кривји Рог било повредено и деветмесечно бебе, на кое морало да му биде ампутирана ногата.