Адвокатите на Луиџи Манџоне, обвинет за убиството на извршниот директор на компанијата „Јунајтед Хелткер“, Брајан Томпсон, во 2024 година во Њујорк, денеска се среќаваат со сојузните обвинители. Американските медиуми известуваат дека причина за состанокот е расправа за можен договор за признавање вина, со што процесот би можел да добие нов правен тек.
Состанокот меѓу одбраната и обвинителството е закажан за петок во 11 часот по локално време. Сојузниот обвинител за јужниот округ на Њујорк, Џејми Мекдоналд, потврди дека средбата е договорена, но одби да открие детали за конкретните точки од обвинението за кои се преговара.
Манџоне се соочува со две сојузни обвиненија за следење и убиство со сомнеж дека патувал и го надгледувал Томпсон со намера да го убие. За овие дела е предвидена максимална казна доживотен затвор без можност за помилување.

Покрај сојузниот процес, против Манџоне се води и засебна постапка на државно ниво пред судот во Менхетен. Тој претходно се изјасни за невин по сите точки од обвинението во двата процеси.
Неговите адвокати бараа судењата да не се одвиваат истовремено, но судиите засега ги одбија тие барања. Доколку се постигне спогодба на сојузно ниво, тоа значително би ги променило позицијата на одбраната и стратегијата во државниот процес.
Започнувањето преговори за спогодба не значи автоматски дека ќе се постигне конечно решение. Секој можен договор мора да добие официјално одобрение и од постапувачкиот судија.
Претходно, во јануари, сојузниот судија отфрли две други точки од обвинението, од кои едната предвидуваше и можност за смртна казна. Одбраната на Манџоне и обвинителските канцеларии засега воздржано молчат за напредокот на преговорите.