Угина слоницата во ЗОО-Скопје

Јавноста денес ја дочека тажна вест, угина слоницата во Зоолошката градина – Скопје. Од ЗОО Скопје не ја пренесоа веста, туку порталот „Скопје1“ објави видео каде јасно се гледа како со багери ја изнесуваат угинатата слоница од  скопската зоолошка градина. Акцијата за „тивко“ изнесување на слоницата започнала утрово околу 08 часот, со употреба на два багери и камион, и според информации на „Скопје1“, слоницата беше однесена на депонијата Дрисла.

Официјалните информации за причината за смртта на слоницата не беа соопштени. Ова не е првпат животните во скопската зоолошка градина да угинат без јасно објаснување или известување. Во изминатите три години, сите три жирафи во зоолошката градина угинаа, без да дочекаат старост.

Оваа серија на трагедии ја доведува во прашање грижата и условите во кои се држат животните во скопската зоолошка градина. Јавноста бара одговори и транспарентност од управата на зоолошката градина, како и итни мерки за подобрување на условите и грижа за животните.

Случајот со слоницата и другите трагедии ја отвораат важната тема за етиката и одговорноста во одржувањето на зоолошките градини и грижата за животните, кои заслужуваат подобар третман и почитување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс