Volkswagen подготвува нови кратења: уште 50.000 работни места под знак прашалник

Volkswagen размислува за нови 50.000 отпуштања, додека четири фабрики во Германија се соочуваат со неизвесна иднина. Компанијата е под притисок од Кина, царини и кризата со електричните автомобили.

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen размислува за дополнително намалување на околу 50.000 работни места, во рамки на планот за намалување на трошоците и враќање на конкурентноста, покажува интерен меморандум до кој дошла агенцијата АФП.

Ова доаѓа откако компанијата веќе најави намалување на 50.000 работни места во Германија според договорот постигнат со синдикатите во 2024 година. Со новите мерки, бројот на потенцијално погодени позиции би можел да достигне околу 100.000 низ целиот концерн.

Извршниот директор на Volkswagen, Оливер Блуме, во писмо до вработените посочил дека компанијата мора да ги намали режиските трошоци на конкурентно ниво.

„Бидејќи половина од нашите режиски трошоци доаѓаат од трошоци за персонал, теоретската пресметка – доколку трошоците за работна сила не се променат – би резултирала со губење на околу 50.000 работни места“, навел Блуме.

Во опасност се и четири германски фабрики. Станува збор за производствените локации во Емден, Хановер, Цвикау и Некарсулм. Блуме нагласил дека компанијата сака да најде „интелигентни решенија“ наместо затворање на фабрики, но признал дека иднината на овие погони не може да биде загарантирана.

„Како што стојат работите денес, не можеме да потврдиме дека овие фабрики ќе можат да работат конкурентно и во 2030-тите“, предупредил тој.

Најавите предизвикаа реакција кај моќниот германски синдикат IG Metall, кој минатата недела организираше протести во фабриките на Volkswagen. Синдикатите ја обвинија управата дека создава несигурност кај работниците дозволувајќи ширење информации за масовни отпуштања без јасен став.

Кризата во Volkswagen доаѓа во период на силен притисок врз европската автомобилска индустрија. Компанијата се соочува со американски царини, намалени профитни маржи кај електричните автомобили и сè посилна конкуренција од кинеските производители.

Volkswagen Group, покрај истоимената марка, ги обединува и брендовите како Audi, Porsche и SEAT, а секое поголемо реструктуирање ќе биде тешко поради влијанието на синдикатите и германската покраина Долна Саксонија во надзорниот одбор на компанијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс