Ученички базар за 100 години ЗОО Скопје: Креативност и хуманост во чест на големиот јубилеј

Под мотото „100 години Зоолошка – 100 години грижа за животните“, на 25 и 26 септември во ЗОО Скопје се одржа ученички базар

Средношколци од 22 училишта ги претставија своите знаења, креативност и практични вештини на дводневниот ученички базар во Зоолошката градина во Скопје, организиран во рамките на одбележувањето на нејзиниот 100-годишен јубилеј.

Под мотото „100 години Зоолошка – 100 години грижа за животните“, на 25 и 26 септември во ЗОО Скопје се одржа ученички базар на кој беа изложени креативни производи, ракотворби и други изработки на средношколците.

Настанот беше реализиран во соработка со Град Скопје, а собраните средства од продажбата на ученичките производи беа наменети за поддршка на животните во Зоолошката градина.

Меѓу учесниците беше и СУГС „Димитар Влахов“, чии ученици се претставија со производи и практични активности од повеќе образовни струки.

Учениците од графичката струка изложија авторски креативни изработки и го претставија знаењето стекнато во областа на графичкиот дизајн. Учениците од хемиската струка понудија производи изработени во училишната лабораторија, додека нивните соученици од прехранбената струка се претставија со производи подготвени во училишната работилница.

Посебно внимание кај посетителите привлече интерактивната презентација на учениците од фризерската струка. Тие ги демонстрираа своите практични вештини преку изработка на плетенки и различни фризури.

Базарот им овозможи на учениците практично да ги претстават своите идни професии и таленти, но и да придонесат кон хуманата иницијатива посветена на грижата за животните.

Дводневниот настан беше дел од програмата со која се одбележуваат 100 години од постоењето на скопската Зоолошка градина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс