Рускиот уметник Семјон Скрепецки, познат по своите сатирични карикатури на политички лидери, е убиен во полскиот град Бјала Подласка. Според локалните медиуми, 44-годишниот руски државјанин бил застрелан на паркинг пред станбена зграда.
Напаѓачот испукал повеќе куршуми од непосредна близина, а и покрај брзата интервенција на Итната помош, уметникот им подлегнал на повредите. По нападот, полицијата ги блокирала излезите од градот и започнала обемна потрага по сторителите.
Според првичните информации, во злосторството биле вклучени најмалку две лица. Еден осомничен веќе е приведен, додека потрагата по вториот продолжува. Истражните органи засега не соопштуваат повеќе детали за мотивите на нападот.
Скрепецки, чие вистинско име било Роберт Кузовков, потекнувал од руската област Алтај. Тој стекнал препознатливост со карикатурите на рускиот претседател Владимир Путин, белорускиот лидер Александар Лукашенко, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и покојниот опозициски политичар Алексеј Навални.
Неколку дена пред убиството престојувал во Берлин, каде одржал самостоен протест со уметничко дело на кое биле прикажани Јосиф Сталин и Владимир Путин. Во Полска живеел од 2021 година.