Убиен мажот кој пукал во близина на контролен пункт на Белата куќа

Осомничениот е идентификуван како 21-годишниот Насире Бест, изјавил полициски службеник кој сакал да остане анонимен.

Маж кој во саботата вечер отворил оган во близина на контролен пункт на Белата куќа бил убиен во размена на оган со полицијата, соопшти американската Тајна служба. Во моментот на инцидентот, американскиот претседател Доналд Трамп се наоѓал во Белата куќа.

Според соопштението, мажот ѝ бил познат на Тајната служба. Тој се приближил до комплексот на Белата куќа во саботата навечер, извадил пушка од торба и почнал да пука, по што службениците на Тајната служба возвратиле со оган и му нанеле смртоносни повреди.

Напаѓачот подоцна починал во болница, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Осомничениот е идентификуван како 21-годишниот Насире Бест, изјавил полициски службеник кој сакал да остане анонимен. Во инцидентот бил ранет и еден случаен минувач, но засега не е јасно дали бил погоден од куршумите на напаѓачот или од оние што подоцна ги испукале полицајците.

Тајната служба соопшти дека ниту еден нивен припадник не е повреден, како и дека Трамп не бил во опасност. Претседателот првично планирал викендот да го помине во својот голф-клуб во Њу Џерси, но во меѓувреме ги променил плановите.

Според судските записи од Вашингтон, Бест бил уапсен и во јули 2025 година, откако се обидел неовластено да влезе на друг контролен пункт на Белата куќа. Тогаш не ги послушал наредбите на полицијата да застане, тврдејќи дека е Исус Христос и дека сака да биде уапсен.

По тој инцидент било одржано првото рочиште и му била изречена мерка за забрана за приближување до одредени лица и области до почетокот на судењето. Ова е трет инцидент со пукање во близина на американскиот претседател во последниот месец, по случаите за време на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во април и инцидентот кај Вашингтонскиот споменик на почетокот на мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс